Поранешниот државен секретар за европски прашања, Драган Тилев, вели дека Северна Македонија сè уште има повисок степен на усогласеност со правото на ЕУ во споредба со Албанија, но предупредува дека без политичко решение и побрзи реформи земјата ризикува дополнително да заостане во процесот на пристапување.
Инбокс7: До септември 2024 година Албанија и Северна Македонија напредуваа заедно во процесот на пристапување. Кои се главните причини за нивното раздвојување денес?
Драган Тилев: Точно е дека се раздвоивме. Ние бевме поврзани како регион, но со Албанија бевме поблиску во процесот затоа што се следевме во чекорите. Ние долго време бевме далеку понапред, но Албанија беше пофокусирана во процесот и сите ресурси ги концентрираше во процесот. И ние имавме таков приоритет се додека Грција не го проблематизираше процесот за името, а потоа и Бугарија за историјата. До 19 јуни 2022 одевме заедно со Албанија, заедно ја одржавме првата меѓувладина конференција, со што официјално заедно ги отпочнавме преговорите. Но разликата беше во фактот што тие тогаш одржаа целосна меѓувладина конференција, а ние имавме политичка меѓувладина конференција. Разликата е во тоа што политичката меѓувладина конференција беше само политичко отворање на преговорите, а не суштинско. Ова беше резултат на Бугарското противење, кое во тоа време беше тргнато за да се отпочнат преговорите, но под услов да се направат уставните измени кои произлегуваат од вториот протокол со Бугарија, кој е еден корпус на документи поврзани меѓу себе. Бугарија го искористи тој момент за да условува, а Европската комисија ја најде формулата на политичко отворање на преговорите, која се заснова во новата методологија. На истиот ден ние и Албанија имавме заедничка меѓувладина конференција, но Албанија имаше вистинска, а ние политичка, што е различно. Потоа тргнавме во процесот на скрининг и заедно одевме на сите скрининг сесии. Во 2022 го започнавме а во 2023 го завршивме скринингот заедно, како прв чекот кон пристапните преговори. Одвојувањето се случи во моментот кога во октомври 2024, кога Албанија го отвори првиот Кластер откако ги исполни предусловите, односно одредниците за отворање на преговорите, како што се патоказ за владеење на правото и патоказ за реформи во администрацијата. Оттука па натаму, Албанија одеше со секавична брзина. Користејќи ги позитивните аспекти на новата методологија, која обезбедува динамизам во напредувањето, Албанија за 12 месеци успеа да ги отвори сите шест кластери, а со тоа и сите 33 поглавја.
„Раздвојувањето со Албанија е исклучиво од политичка природа – поради условот за уставни измени.“
Инбокс7: Колку застојот на Северна Македонија е резултат на бугарското вето, а колку на недоволен домашен реформски напредок?
Драган Тилев: Оваа одвојување е исклучиво од политичка природа, односно поради Бугарското барање за промена на Уставот. Факт е дека оваа барање е од билатерална природа, која извира од Протоколот 2, каде за прв пат се спомнува отворање на Уставот и вклучување на бугарската заедница во нашата преамбула. Со префрлање на Протоколот 2 во заклучоците на Советот на ЕУ и усвојувањето на преговарачката рамка на 18 јуни 2022, тој билатерален проблем се трансформираше во Европски услов. Што стана европски услов, тој претставува политички бенчмарк, или одредница, која што се додека не е исполнета не можете да одите напред со отворање на првиот Кластер „Темели“. Тоа Албанија го немаше како предуслов и таа си продолжи понатаму со брзина која е невидена досега.
Инбокс7: Дали Албанија реално е „пред“ Северна Македонија во процесот, или станува збор повеќе за политичка перцепција?
Драган Тилев: Ако се мерат реформите, односно усогласеноста на законите со тие на ЕУ, иако Албанија е напред во процесот на преговорите, ние сме усогласени со повисок степен. Но, тоа не е мерило. Мерилото е дали имаме економија, институции, законодавство кое е поблиску до Европската унија. Бидејќи Албанија ги отвори сите кластери и поглавја, самиот процес на пристапни преговори ќе ги забрза значително нивните реформи. Многу е веројатно да во овогодишниот извештај на Европската комисија, кој ќе се објави во ноември или декември, тие ќе бидат или на исто ниво или подобри од нас во спроведување на реформите. Предноста може да остане ако ние ги динамизираме реформите внатре, без разлика дали ќе отпочне преговарачкиот процес.
„Без исполнување на политичкиот бенчмарк за Уставот, Северна Македонија не може да го отвори кластерот ‘Темели’.“
Инбокс7: И ние имавме одредници за исполнување, како што се патоказите за реформи во администрацијата и за борба против корупцијата, но и Акциониот план за малцинства, но и тие не се исполнети, без разлика што тука не не блокира Бугарија?
Драган Тилев: Пред тоа, ние имаме како услов отворање на Уставот, односно промена на уставната преамбула и соодветните два члена. Тоа е политички предуслов.
Инбокс7: Но Бугарија не била пречка за патоказите и акцискиот план, нели?
Драган Тилев: Патоказите се готови, каде што јас учествува во нивното изготвување. Јас го координирав патоказот за владеење на правото. Акцискиот план за заштита на правата на поединци, припадници на малцинства или заедници, – намерно го кажувам целиот наслов бидејќи така е дефиниран во Преговарачката рамка, е уникатен и е направен со инсистирање на Бугарија и тој мораше да оди на расправа и со припадници на малцинствата. Тоа се направи, но процесот сеуште не е затворен заради одредени забелешки од бугарска страна. Патоказот за реформи во јавната администрација, кој исто така е бенчмарк, го имаме веќе усогласено со Европската комисија. Акцискиот план е дел од патоказот за владеење на правото и затоа владата потфрли да го прати заедно со патоказот за владеење на правото, за потоа ЕК да изготви извештај со кој се утврдува дека предусловите за отворање на Кластерот „Темели“ се исполнети. Но без уставни измени како политичка одредница или бенчмарк, сепак, нема да можеме да ги отвориме преговорите и да ја одржиме втората меѓувладина конференција со отворање на Кластерот „Темели“.
„Албанија ги отвори сите кластери и поглавја, што ќе ги забрза нивните реформи и може да ја намали нашата предност.“
Инбокс7: Дали навреме спроведените реформи внатре кај нас би пратиле силна порака дека се има голема волја за ЕУ интеграција и истовремено би биле сфатени како притисок кон Брисел за да ја убеди Бугарија да попушти?
Драган Тилев: Ние ги имаме скрининг извештаите, што значи имаме јасна слика за секој од кластерите и областите. Тука се и годишните извештаи на ЕК кои ни кажуваат како напредуваме кон ЕУ интеграцијата од година во година. И ја имаме Реформската Агенда 2024-2027. Кога сето ова ќе го ставиме во еден пакет имаме силна подлога за да ги извршиме реформите и пред официјално да го отвориме првиот кластер. Но, заради фактот што се работи за длабоки реформи, одржливи кои ќе траат, ви треба позитивна атмосфера. Факт е дека кај нас, во моментов, таква енергија не постои. Постои фрустрација и кај јавноста, и кај администрацијата и кај политичката елита. Тоа е еден важен елемент кој мора да се земе предвид кога зборуваме за тоа зошто не ги правиме реформите и без официјално да ги започнеме преговорите. Ние се обидуваме да ги правиме, институциите се обидуваат, ама таквите реформи имаат цена која мора да се плати. Тоа значи дека треба да се има наклонета јавност, позитивна енергија и атмосфера за тие реформи да бидат спроведени. Како резултат на отсуството на таква атмосфера имаме такви резултати за Реформската Агенда. Оваа Агенда почнува да се усогласува со претходната влада, се заврши со актуелната. Обврската е да се спроведат клучните реформи, кои повторно се поврзани со скрининг и годишните извештаи на ЕК, но кои се поврзани со конкретни парични средства. Се работи за шест приоритети со 137 реформи, од кои секоја има цена. Ако ги спроведувате реформите, повлекувате средства. Ако имате зрели проекти, ги повлекувате тие средства. Тука веќе заостануваме, потфрлиме и тој притисок што го дава самиот процес на ЕУ интеграција не го чувствуваме доволно. Ние се фокусираме одделно на Реформската Агенда и тоа не е доволно бидејќи сите тие реформи се во еден стратешки пакет. Ако имате пристапни преговори полесно ќе ги спроведувате реформите, кои се дел и од Реформската Агенда, и ќе ги ослободувате средствата од Планот на Раст. Реформи, пари, капитални проекти – тоа е линијата која го поврзува целиот процес. Тука заостануваме бидејќи многу активности од реформската Агенда не се реализирани. Тој грејс период од 12 месеци заврши во 2025 година и вие во тој период имате предвидени многу активности, кои не ги реализирате на време. Хипотетички, може да се случи и на крајот да ги реализирате реформите, да ги повлечете парите, но нема да можете да ги искористите зошто нема да имате здрави проекти.
„Едно е да зборувате дека ЕУ е стратешки приоритет, а друго е да ги спроведувате реформите што ги бара Унијата.“
Инбокс7: Или пак другата варијанта – воопшто да не ги користите заради неможноста да се спроведат реформите и друга држава од Западен Балкан да ги искористи?
Драган Тилев: Има можност друга држава да искористи дел од нашите средства ако е поефикасна, поагилна во спроведување на реформи. Исто така и ние имаме можност да искористиме средства кои нема да можат други држави да ги повлечат. На пример, Косово и БиХ нема да можат да ги искористат парите. Многу каснат и не може да стигнат. Периодот 2024-2027 не може да се продолжи. Секоја земја може да искористи колку може до август 2027, во спротивно парите пропаѓаат.
Инбокс7: Колку е ризично за државата доколку продолжи јазот меѓу политичката реторика и реалните резултати во реформите?
Драган Тилев: Влијае на сите нивоа. Сите политички авторитети, и премиерот, претседателот, Собранието велат дека ЕУ останува наш стратешки приоритет. Но едно е кога зборувате за ЕУ, а друго е кога ги спроведувате реформите барани од ЕУ. Но, за реформите мора да имате атмосфера за да изврши притисок не само врз политичарите, туку и врз администрацијата. Политичарите ги носат одлуките, но администрацијата е таа која треба да ги спроведе.
Инбокс7: Мислите дека природата на спорот со Бугарија, која е идентитетска или етно-културна, а не територијална како што беше случајот со многу билатерални спорови на Балканот, е таа која ги демотивира граѓаните, особено етничките Македонци кои се мнозинство во државата?
Драган Тилев: Не постои друг спор, освен тој меѓу Украина и Русија, кој е сличен на нашиот. Реториката која ја користи Путин во однос на идентитетот на Украина, нивниот народ, култура, историја…е многу слична на она која Бугарија ја користи во однос на Македонија. Нема друга држава во регионот која е предизвикана заради нивниот идентитет. Ние сме единствената држава која беше предизвикувана заради името од Грција, што е непоимливо за меѓународните односи. Има држави, како Чешка или Турција, кои своеволно го имаат променето името, но на нас ни беше наметнато заради историски прашања. Исто од Бугарија – ние сме единствен случај каде ни се наметнува поинакво гледиште кон јазикот, како корен на македонскиот идентитет. Акциските планови се обврска на сите земји аспиранти, но никаде не се дел од патоказот за владеење на правото. Тие се дел од билатерални односи со соседна држава. Унгарија инсистираше Украина да има Акциски план за малцинствата, но тој не е дел од патоказот. Разликите се евидентни. Факт е дека кај нас идентитетските прашања се „нападнати“ од нашите соседни земји, името од Грција и историјата, јазикот и малцинството од Бугарија. Сето тоа влијае на атмосферата бидејќи ако го немате идентитетот, правото на историја и јазикот, признавање на етникумот, тогаш вие имате проблем со одржување на самата држава. Државата може да се одржи само ако тие идентитетски елементи се јасно дефинирани во однос на сите соседи.
Инбокс7: Во делот на животната средина – квалитет на воздух, управување со води, отпадни води – како ја оценувате позицијата на Северна Македонија во споредба со Албанија?
Драган Тилев: Ние како држава, секогаш кога ќе се објави извештајот на ЕК, правиме компаративна анализа на нашиот и европскиот за сите изминати години. Минатата година дури правевме споредба и со Украина и Молдавија. Кумулативно, според извештаите на ЕК, нашето законодавство е многу блиско со Црна Гора во усогласеноста со европското аки, земја која преговара од 2012, подобра е за нијанса од Србија која ги започна преговорите во 2014 година, а е значително подобра од Албанија. Другите земји аспиранти не ги спомнувам бидејќи се далеку зад нас. Преку 50 проценти го имаме усогласено нашето законодавство со европското. Ако се гледа прашањето низ оваа призма, ние сме веднаш зад Црна Гора. Но, не може да се гледа на темата само од оваа перспектива зошто е поврзана со динамиката на пристапните преговори. Делот од животната средина е најобемен како закони и документи, но ние поголемиот дел го имаме транспонирано во нашето законодавство. Освен најобемен, Поглавјето 27 е и најскап и е близок до поглавјето за транспорт. Ако гледаме каде е најдобар квалитетот на воздухот, тука имаме многу други фактори кои одредуваат, како географијата и климатските услови. Ние сме подобро усогласени од Албанија сега, но тие може многу побрзо да го усогласат нивното законодавство со ЕУ од причина дека се во преговарачки процес за членство.
Инбокс7: Колку граѓаните ја чувствуваат во реалноста, секојдневниот живот, таа усогласеност на нашите закони и стандарди со тие на ЕУ? Колку истите се имплементираат и дали ги даваат очекуваните резултати?
Драган Тилев: Едно е да ги донесете законите, а друго е да имате оспособени институции за да можат да ги спроведуваат тие закони, трето е да имате инспекциски служби за да ги санкционира тие што нема да ги испочитуваат еколошките стандарди. Потоа, тука влијае и образовниот систем, општата култура и односот на луѓето кон природата. И на крај е географијата. Земете го случајот со Скопје – еден град проектиран за 300 илјади жители но живеат околу еден милион, во положба опколена од планини, со градежна архитектура надвор од здравиот разум, со тешка индустрија и без многу проветрувања. Ние сме пред Албанија во однос на хармонизација со Европското АКИ, но граѓаните не можат тоа да го чувствуваат во целост заради недостигот на капацитети за нивна соодветна имплементација.
„Проширувањето повторно стана геостратешки приоритет на ЕУ по војната во Украина.“
Инбокс7: Може ли геополитички актери како Русија или Кина да го искористат овој застој за зголемување на своето влијание?
Драган Тилев: Да не заборавиме, ние сме членка на НАТО. Тоа веќе е гаранција за сигурност и безбедност. Второ, ние имаме стратешки договор и дијалог со САД, кој покрива и безбедносни прашања – од хибридни војни и сајбер безбедност до контрола на странски директни инвестиции, за да не ни пенетрира руски и кинески капитал во нашите простори. Ова значи дека одредени механизми за заштита постојат. Но, фактот дека не напредуваме во поглед на евроинтеграции, што носи намалување на темпото на реформи, со тек на времето ќе создаде простор за пенетрација на странски влијанија. Дали тие ќе бидат руски, кинески или преку прокси држави, како на пример преку Србија, тоа не знаеме. Србија има блиски односи со Русија и Кина, не е членка на СТО.
Инбокс7: Дали има опасност за меѓуетнички тензии и конфликти, поттикнати токму од овие злонамерни влијанија, ако Албанија стане дел од ЕУ до 2030 а Северна Македонија остане на оваа позиција во која е заглавена сега?
Драган Тилев: Веројатноста е многу мала, речиси никаква. Но, опасноста постои имајќи го предвид конфликтот од 2001, имајќи ги предвид некои докрај неразјаснети прашања околу правата за јазик и застапување, кои се дел од Охридскиот договор кој е дел од Уставот, сето тоа претставува одреден потенцијал за внатрешни меѓуетнички триење. Но, да не заборавиме – унитарна држава, членка на НАТО, со перспектива за ЕУ, со решение за уставните измени ние можеме да бидеме катапултирани во тој процес на евроинтеграција и да фатиме приклучок до групата која се формира, а која се сочинува од Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Членството во ЕУ може ќе носи поголем економски развој за Албанија, која уште сега бележи рекордни приходи од туризмот. Но, тоа не смее да се гледа како закана туку напротив, може да има позитивно влијание и кај нас заради врските кои нашите граѓани ги имаат со Албанија.
Инбокс7: Што треба да се случи во најкраток рок за да се одблокира процесот на евроинтеграција – нова, про-европска влада во Бугарија, промена на начинот на одлучување во рамки на ЕУ, или?
Драган Тилев: Бугарија години наназад има нестабилна влада, нестабилна политичка околина. Од 2018, со нивната декларација усвоена од тамошното собрание, и останатите документи кои следеа, покажува дека барања се исти без разлика на владите. Не очекувам дека некоја нова политичка констелација, структура, со Румен Радев најверојатно со централна улога, ќе ја смени позицијата, иако можеби се разликуваат во реториката. Во однос на преминување од едногласно во квалификувано мнозинство во носењето одлуки внатре во ЕУ, тоа е прашање кое долго време е на маса. Сега доби на тежина откако Унгарија се противи на отворање на преговори за членство со Украина, како и околу блокирањата на санкциите против Русија од страна на Унгарија, за буџетите, за членот 7 – владеење на правото која е „базука решение„ да се одземе правото на глас за таа точка. Има основа за проширување на квалификуваното мнозинство, можноста пасарела клаузула која функционира за една тема за да се заобиколи едногласноста. До март треба да се објави ново Германско и Француско толкување на повелбата за ЕУ, бидејќи нема време за нова, како да се толкува едногласното одлучување во услови на проширување. Да се менува едногласноста на почетокот и крајот на процесот, додека измеѓу да биде квалификувано мнозинство, што нам многу нема да ни помогне. Може тоа да биде добро за Украина, Молдавија, но нас не. Ние мора првата пречка да ја поминеме а тоа се уставните промени. Ако се покаже од Бугарија добра волја за почитување на некои од одлуките на Судот за човекови права од Стразбур и некакви гаранции дека идентитетските прашања нема да бидат услов во натамошниот процес на ЕУ интеграција, уставните измени би биле усвоени.
Инбокс7: Како долгодишен експерт, ветеран на евроинтеграциите, дали гледате дека ЕУ има геостратешка итност за проширување кон Балканот?
Драган Тилев: Од 2022 година, кога Русија ја нападна Украина, не ЕУ и стана јасно дека таму се брани Европа и дека затворањето на празниот простор треба да се случи што е можно поскоро. Тој празен простор е Западен Балкан. Од тој геополитички аспект, нема дилеми дека ЕУ е заинтересирана за проширување. Но, сеуште не гледам едногласност во ЕУ како тоа да се спроведе. Сепак, шансите за да се зачлени некоја земја се сега многу поголеми од порано. За да се заокружи членството треба сите земји членки да бидат едногласни. Ако забележите, како година за ново проширување се спомнува 2027 година. Макрон често го повторува тоа, особено на средби со Рама, дека до 2027 година треба да се заокружи процесот и земјата треба да стане членка на ЕУ од причина што во 2028 во Франција има претседателски избори. Брисел сака проширување се додека ЕУ е горе-доле стабилна. Од друга страна, идејата за Европа во две брзини е решение кое се наметнува од геополитичките динамики. Решението го диктираат Франција, Германија, Италија, Шпанија и Полска, и ако се реализира тогаш земјите од Источна Европа стануваат помалку важни. Но, реал-политиката тоа е. Источните земји на ЕУ се претежно корисници на европски пари и малку придонесуваат во европскиот буџет.

