Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека не се гледа брз крај на војната со Иран и оцени дека САД влегле во конфликтот без јасна стратегија за излез, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
„Иранците очигледно се посилни отколку што се мислеше, а Американците немаат навистина уверлива стратегија во преговорите“, рече Мерц за време на дискусија со ученици во Марсберг.
Тој нагласи дека клучниот проблем кај ваквите конфликти не е само влегувањето, туку и излегувањето од нив, повлекувајќи паралели со долгогодишните воени ангажмани во Авганистан и Ирак.
„Тоа го видовме многу болно во Авганистан – 20 години. Истото го видовме и во Ирак“, додаде Мерц, оценувајќи дека Вашингтон „очигледно влегол во војната без никаква стратегија“.
Канцеларот истакна дека иранското раководство вешто ги користи преговорите или нивното избегнување, додавајќи дека на тој начин „една нација се понижува“.
Мерц ја опиша ситуацијата како „исклучително комплицирана“ и предупреди дека конфликтот има директни економски последици за Германија.
„Оваа војна нè чини многу пари и има непосредно влијание врз нашите економски перформанси“, рече тој.
Во однос на можните решенија, Мерц повтори дека Германија е подготвена да учествува со миноловци за повторно отворање на Ормускиот Теснец – клучна рута за глобалното снабдување со нафта – но само доколку претходно престанат воените дејствија.
Изјавите беа дадени во рамки на посетата на гимназијата „Каролус Магнус“ во Марсберг, како дел од ЕУ-проектниот ден, иницијатива насочена кон приближување на европската политика до младите.

