23.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАСВЕТ

Европа се соочува со енергетски удар што може да ја турне економијата во нова криза

Европа се соочува со енергетски шок што би можел сериозно да ја погоди индустријата, транспортот и цените, додека војната со Иран се заканува подолго време да ги наруши енергетските текови и да предизвика последици споредливи со пандемијата на COVID-19 или почетокот на војната во Украина.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека, ако конфликтот продолжи, товарот врз европската економија би можел да биде „еднаков на оној што неодамна го доживеавме за време на пандемијата на COVID или на почетокот на војната во Украина“.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави дека живее со последиците од војната „24 часа на ден“, додека претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, предупреди дека конфликтот би можел да трае „со години“ и дека долгорочните последици се „веројатно над она што можеме да го замислиме во моментов“.

Околу 20% од светската нафта и природен гас минуваат низ Ормутскиот теснец, кој Иран го затвори со закани дека ќе напаѓа бродови што ќе поминуваат без дозвола од Техеран. Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот им порача на земјите погодени од недостиг на гориво дека ќе мора „сами да научат да се борат за себе“.

Нафтата и гасот се клучни не само за транспортот и греењето, туку и за поширокиот индустриски синџир, вклучително и храната, пластиката, хемикалиите и земјоделството. Затворањето на теснецот влијае и врз други ресурси, како ѓубрива и хелиум, важен за производството на микрочипови.

Првичните проценки на европските претставници беа дека ЕУ ќе биде изложена главно на повисоки цени, бидејќи од Персискиот Залив добива околу 6% од суровата нафта и помалку од 10% од природниот гас. Но, како што војната влегува во петтата недела, загриженоста се зголемува дека недостигот на снабдување може да стане реален проблем.

Еден од непосредните ризици е што азиските земји, кои пред војната многу повеќе зависеа од заливските енергенси, сега агресивно ги зголемуваат понудите за ограничените количини. Тоа пренасочува дел од танкерите со течен природен гас и други товари подалеку од Европа.

Аналитичари предупредуваат дека Европа би можела да почне да ги чувствува посериозните последици уште во наредните недели. Ако Ормутскиот теснец остане затворен најмалку уште еден месец, а нападите врз енергетската инфраструктура продолжат, цените би можеле да останат структурно високи на подолг рок.

Иако ЕУ увезува малку сурова нафта од Заливот, повеќе од 40% од нејзините рафинирани нафтени производи, вклучително дизел и авионско гориво, доаѓаат од тој регион. Аналитичарите велат дека ако теснецот остане затворен, речиси и да нема алтернативи за тие производи.

Највидливата последица веќе се чувствува на бензинските пумпи. Европскиот репер за бензин „Еуро Супер 95“ пораснал за околу 15% меѓу 23 февруари и 23 март, според податоци на ЕУ.

Владите се обидуваат да го ограничат ударот преку намалување на давачките за гориво и предупредувања против шпекулативни поскапувања. Но, ако не пристигнат нови количини, можно е да се прибегне кон ограничување на побарувачката.

Еврокомесарот за енергија Дан Јоргенсен веќе ги повика владите да ја ограничат употребата на транспорт за да се ублажи недостигот на дизел и авионско гориво, мерки што потсетуваат на нафтените кризи од 1970-тите.

Авиосообраќајот е особено изложен, бидејќи горивото е најголем трошок за авионските компании. Цената на авионското гориво во Европа се има повеќе од удвоено од почетокот на нападите врз Иран, достигнувајќи рекордни нивоа над 1.700 долари за метрички тон, иако во последната недела благо се намали.

Европските авиокомпании веќе почнаа да ги зголемуваат цените, а германските медиуми објавија дека Lufthansa Group разгледува привремено приземјување на 20 до 40 авиони поради кризата со авионското гориво.

Последиците веќе почнуваат да се прелеваат и во производството. Хемиската индустрија, која претставува основа за голем дел од европското производство, предупредува на сериозен раст на трошоците поради поскапување на суровините, логистиката и енергијата.

Слични предупредувања доаѓаат и од челичната, пластичната и индустријата за ѓубрива, каде цените на енергијата имаат големо учество во производните трошоци.

Европската комисија проценува дека војната ќе го намали растот на економијата на ЕУ на 1% оваа година. Во исто време, се очекува инфлацијата повторно да се засили, што би можело да ја натера Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки, дополнително отежнувајќи го кредитирањето, хипотеките и работењето на компаниите.

Еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис предупреди дека Европа би можела да се соочи со стагфлација – комбинација од слаб раст и високи цени – слична на кризите од 1970-тите.

Поголемите трошоци за финансирање би биле проблем и за владите, кои веќе носат високи долгови од претходните кризи, со ограничен простор за ново задолжување.

Шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека дури и ако војната заврши веднаш, на економијата ќе ѝ треба околу една година за да се стабилизира. Колку подолго трае конфликтот, толку потешки ќе бидат последиците.

„Многу е важно да се нагласи дека кризата нема да биде кратка“, изјави Јоргенсен по вонредната министерска конференција во вторникот. „Дури и ако утре има мир, последиците ќе останат, бидејќи енергетската инфраструктура во регионот е уништена и продолжува да се уништува од војната.“

Related posts

Алармантно: Деца бараат помош поради самоубиствени мисли

admin

КИППЕР тврдеше дека „Ланд“ е безбеден, сега Косово повлекува серија произведена од „Вита“

admin

Намалени акцизи, укинат данок и субвенции – Владата со пакет мерки за справување со кризата

ninja

СДСМ нема да го поддржи законот за „Безбеден град“, бара јасни правила за заштита на личните податоци

admin

Германија до 2028 ќе се соочи со недостиг од над 770.000 работници

admin

КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ВО ЕУ: „СРАМНИ ПОСТАПКИ“

ninja