Европската унија подготвува практични насоки за активирање на својата клаузула за меѓусебна одбрана, во обид да ја зајакне улогата на механизмот кој досега ретко се користи, изјавија европски дипломати.
Европската служба за надворешни работи работи на прирачник што ќе објасни кога и како земјите-членки можат да ја активираат клаузулата од член 42.7 од Договорот од Лисабон, како и кои ресурси би биле достапни во таков случај.
Според дипломатски извори, документот ќе опфати различни сценарија – активирање на клаузулата на НАТО за колективна одбрана, активирање на механизмот на ЕУ, како и ситуации кога двата механизми би можеле да се применат паралелно.
Планирано е земјите-членки да спроведат симулации уште во мај, со цел да се тестира како би реагирале во различни безбедносни кризи и дали член 42.7 би се применувал во тие случаи.
Клаузулата предвидува земјите-членки да ѝ пружат помош на држава која е жртва на вооружен напад, но нејзината практична примена останува нејасна, велат дипломатите.
Дебатата повторно се отвори откако ирански беспилотни летала ја погодија Кипар, што покрена прашања за тоа како механизмот може да се користи во пракса. И покрај нападот, Кипар не ја активираше клаузулата, туку доби билатерална воена поддршка од неколку европски земји.
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис изјави дека сака оперативната примена на член 42.7 да биде разгледана на следниот самит на лидерите на ЕУ, оценувајќи дека механизмот веќе е „тестиран во пракса“.
Досега, клаузулата е активирана само еднаш – од Франција во 2015 година, по терористичките напади во Париз, кога земјите-членки обезбедија логистичка и разузнавачка поддршка.
Иницијативата доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп сè почесто ја доведува во прашање релевантноста на член 5 од НАТО, што дополнително ги поттикнува европските напори за зајакнување на сопствените безбедносни механизми.
Паралелно, ЕУ подготвува нова безбедносна стратегија која ќе вклучи проценка на заканите, политичка рамка и патоказ за спроведување, иако сè уште не е јасно дали во неа ќе биде опфатена и клаузулата за меѓусебна одбрана.

