13.8 C
Скопје
26 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Премиерот удри по опозицијата и обвинителството: Трпението е при крај

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид, на свечената академија „Од слово до вечност“ по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, порача дека без образование нема силна држава и дека иднината на Македонија зависи од знаењето, културата и духовноста.

Во обраќањето во црквата „Св. Софија“, Мицкоски рече дека постојат народи кои опстојуваат преку словото, книгата и образованието, а не преку војни и територии.

„Словото е паметење. Словото е идентитет. Словото е духовен дом на еден народ“, истакна премиерот.

Тој нагласи дека делото на Свети Кирил и Методиј не е само историски настан, туку „победа на светлината над темнината и на знаењето над покорувањето“.

Мицкоски предупреди дека современиот технолошки напредок носи и опасност од духовно осиромашување и губење на вредностите.

„Денес повеќе од кога било ни е потребно образование кое нема да создава само луѓе со дипломи, туку луѓе со вредности, карактер и критичка мисла“, рече тој.

Премиерот се осврна и на актуелната дебата за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит, нагласувајќи дека е подготвен за разговори, но во рамките на Уставот и законите.

„Немам никаква задршка да се разговара на темите за употребата на јазиците и секоја заедница да го има правото да напредува и да го употребува својот јазик, сè додека се почитува нашиот идентитетски белег – македонскиот јазик“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека наскоро ќе биде постигнато решение кое „сите треба да го поддржат“ и кое ќе ги надмине партиските и политичките интереси.

Во говорот Мицкоски упати критики и до делови од обвинителството, оценувајќи дека правдата се испорачува бавно.

„Трпението е при крај и правдата ќе ги стигне сите“, порача премиерот.

Тој рече дека нема да молчи кога институциите не реагираат и кога, како што наведе, „фиоките се полнат со пријави и тужби“.

Мицкоски се осврна и на односите со Бугарија, велејќи дека не може да ги оправда домашните политичари кои, според него, делуваат како „специјални пратеници на соседната држава“.

„Нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ“, истакна премиерот.

Тој повика на „народно и интелектуално обединување“ и оцени дека ова е „последна шанса за Македонија“.

„Мора да бидеме генерација што ќе создава, што ќе учи и што ќе ја исправи Македонија со знаење, достоинство и самодоверба“, рече Мицкоски.

Говорот го заврши со порака дека империите се рушеле, границите се менувале, но словото останувало.

„Народ што има слово, култура и образование – никогаш не е мал народ“, порача премиерот.

Related posts

Таравари со пратеник помалку, Салим Сулејмани поднесе оставка од сите партиски функции и од Собранието

admin

По години судски спорови: Џонсон и Џонсон плаќа милијарди за да ги затвори случаите поврзани со рак

admin

ЕУ ќе купува оружје за Украина и ќе забрани руски медиуми

ninja

Пациенти пријавиле мито, игнорирање и несоодветен третман во здравствени установи – 39 поплаки во првата недела од новата платформа

admin

Рустеми: Со „Бектел и Енка“ промовираме нов, ефикасен и модерен концепт на проектирање и градба

admin

Призма: Дел од Галичица на МПЦ – на ИВЗ дел од Водно

admin