Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски, денеска извршија увид во градежните работи на западниот дел од Коридорот 8.
По посетата на делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани, Николоски изјави дека градежните активности се одвиваат со потребната динамика и дека Владата обезбедила целосно отворен работен фронт за изведувачите.
„Нешто што беше незамисливо за многумина, дека некогаш ќе има автопат што ја заобиколува Стража и најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и Струга и целиот Коридор 8“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека веќе е завршена делницата Тетово–Гостивар, која досега функционирала како експресен пат, а сега првпат ќе се гради автопатски профил.
Според министерот, на трасата интензивно се работи на мостови, отворање на трасата и стабилизација на падините, при што, како што рече, се изведуваат „извонредни инженерски работи“.
Николоски посочи дека растот на градежништвото во третиот квартал од минатата година изнесувал 21 проценти, а во четвртиот 16,7 проценти, што според него е резултат и на инфраструктурните инвестиции.
Сепак, тој предупреди дека проектот се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои се дислокацијата на телекомуникациски и електроенергетски мрежи, како и водоснабдителни системи во Полошкиот регион.
Најголемиот проблем, според него, е изгубеното време во претходниот владин мандат.
„Во ноември добивме официјално известување од надзорниот инженер, кој побара продолжување на рокот за завршување на проектот за најмалку две години, бидејќи тие две години изгубени од претходната влада мораше да се надоместат“, рече Николоски.
Тој додаде дека поради тоа рокот за завршување на проектот ќе биде пролонгиран најмалку до декември 2029 година, но нагласи дека тоа не значи дека автопатот не може да биде готов и порано.
Министерот посочи и дека важен сегмент во реализацијата останува поврзувањето на автопатот со општините низ кои поминува трасата.

