Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во интервју за германскиот весник Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung изјави дека Европа нема развиено јасна стратегија за Балканот и предупреди дека Босна и Херцеговина останува изложена на дестабилизирачки влијанија.
Шмит, кој најави заминување од функцијата, ги отфрли тврдењата дека бил принуден да се повлече под американски притисок.
„Јас сум слободен човек. Ова е моја одлука“, изјави тој во интервјуто.
Тој оцени дека Европската унија наместо да реагира, треба проактивно да дејствува во регионот, особено во енергетската сфера. Како пример ја посочи зависноста на Босна од руски гас што пристигнува преку Србија, додека европските институции, според него, немаат доволно јасен пристап.
Шмит предупреди и на растечкото влијание на движењето MAGA во Европа и неговите врски со проруски политички актери, вклучително и лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Тој потврди дека бил запознаен со лобистички договор регистриран во САД, во кој како цел се наведува независност на Република Српска и негово отстранување од функцијата висок претставник.
„Тоа го сфатив како големо предупредување дека постои координирана акција насочена кон Босна“, рече Шмит.
Во интервјуто, тој предупреди дека идеите за прекројување на границите на Балканот се опасни и можат да предизвикаат нови конфликти.
„Кој мисли дека со нови граници ќе ги реши проблемите на Балканот, не разбира дека така веднаш се создаваат нови проблеми“, рече тој.
Шмит ја бранеше улогата на Канцеларијата на високиот претставник, оценувајќи дека без интервенциите на меѓународната заедница, Босна и Херцеговина немало да ја задржи функционалноста на државата.
Тој изрази загриженост и поради растечката исламофобија во Босна, тврдејќи дека во јавниот дискурс сè почесто се користат навредливи изрази кон босанските муслимани.
„Нема повеќе чувство на срам и тоа навистина ме загрижува“, изјави Шмит.
Изјавата доаѓа во време на зголемени тензии во Босна и Херцеговина, поради сепаратистичката реторика на властите во Република Српска и несогласувањата меѓу западните сојузници околу иднината на земјата.

