Универзитетот на Југоисточна Европа организираше информативна презентација на тема „Можности за кариера во НАТО“, на која учествуваа претставници од седиштето на Алијансата во Брисел.
Пред студентите и академскиот кадар говореа Благој Делипетров и Дорка Бала-Џонсон, кои ги претставија програмите и можностите за професионален развој во рамки на НАТО.
Настанот го отвори проф. д-р Беса Арифи, советничка за односи со заедницата и меѓународни односи на УЈИЕ, која ја истакна важноста од активно користење на платформите и можностите за аплицирање во меѓународните институции.
Дорка Бала-Џонсон сподели практични информации за програмите на НАТО, вклучително и програмата за практикантска работа (Internship Programme), додека д-р Благој Делипетров го презентираше своето професионално искуство во седиштето на НАТО.
Тој детално го објасни процесот на аплицирање и селекција – од поднесување апликација преку кариерниот портал, до писмени тестови и интервјуа базирани на компетенции.
На крајот од настанот беше организирана интерактивна сесија со прашања и одговори, каде студентите и професорите имаа можност директно да добијат совети за градење кариера во меѓународни организации и институции.

