Властите во Монако отворија истрага за обид за убиство откако експлозивна направа рани три лица, меѓу кои, според медиумски извештаи, и украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, додека осомничениот успеал да избега во соседна Франција.
Главниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, изјави дека истрагата засега не се води како терористички акт и дека осомничениот, за кого се верува дека дејствувал сам, останува во бегство.
Експлозијата се случила во понеделникот околу 21 часот пред станбен објект во близина на француската граница. Според истражителите, напаѓачот ја напуштил локацијата пеш и преку скали се упатил кон францускиот град Босолеј.
Една жена е во животна опасност и е пренесена на лекување во болница во Ница, додека маж и 13-годишно дете се здобиле со полесни повреди, соопштија властите.
Француските и украинските медиуми објавија дека меѓу повредените е украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, основач на холдинг-компанијата „Алеф Груп“, кој во 2023 година беше ставен под санкции од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради наводни деловни врски со Русија.
Според снимките од надзорните камери, жртвите се враќале дома кога експлозивната направа била активирана. Властите сметаат дека семејството било целно таргетирано и дека осомничениот претходно повеќепати ја набљудувал локацијата.
Кнезот Алберт Втори го осуди нападот, нарекувајќи го „грозоморен чин“, и порача дека сите безбедносни служби се мобилизирани.
Монако, кое има околу 38.000 жители и е познато како една од најбезбедните држави во светот благодарение на обемната мрежа на видео надзор, ретко се соочува со вакви насилни инциденти. Според властите, мотивот за нападот сè уште не е утврден.

