Собранието во вторникот ја констатираше оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, со што формално заврши неговиот мандат во Владата по повеќемесечно отсуство од јавноста и од владините седници.
Фетаи оставката ја поднесе на 1 јуни, наведувајќи дека функцијата ја напушта „со крената глава и чиста совест“. Неговото заминување доаѓа по период на политичка неизвесност, во кој не присуствуваше на владините седници, а премиерот Христијан Мицкоски претходно соопшти дека вицепремиерот размислува за враќање во Белгија.
Но зад политичкото заминување остануваат прашања за резултатите од неговиот ресор, трошењето на јавните средства и неговата политичка иднина.
Речиси 800.000 денари службени трошоци
Според податоците кои Инбокс7 ги доби од Владата преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Фетаи во периодот од август 2024 до октомври 2025 година потрошил 797.942 денари буџетски средства за службени патувања, сместување и угостителски услуги.
Најголем дел од средствата, односно 416.172 денари или 52,2 проценти, биле потрошени за угостителски услуги во земјата.
Податоците покажуваат дека во декември 2024 година биле евидентирани две сметки од 49.696 и 60.107 денари, додека во јануари 2025 година е регистриран угостителски трошок од 116.878 денари, највисоката поединечна ставка во целата евиденција.
Само овие три сметки достигнуваат 226.681 денар, што претставува повеќе од една четвртина од сите службени трошоци на Фетаи во анализираниот период.
Во доставената документација нема податоци за поводот на настаните, бројот на присутни лица или конкретните активности за кои биле направени трошоците.
Концентрација на трошењето
Анализата покажува дека 628.922 денари, односно речиси 79 проценти од сите службени расходи, биле потрошени во период од само четири месеци, односно од ноември 2024 до февруари 2025 година.
Највисоки трошоци се регистрирани во јануари 2025 година, кога биле потрошени 247.377 денари, по што следуваат декември 2024 година со 176.921 денар и ноември 2024 година со 129.808 денари.
За службени патувања во странство биле потрошени 381.770 денари, од кои 127.100 денари за авионски билети, 168.332 денари за хотелско сместување и 86.338 денари за дневници.
Без дополнителни податоци од Владата не може да се утврди на кои дестинации патувал Фетаи и какви резултати произлегле од службените патувања.
Имот над два милиони евра
Според анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата, Фетаи пријавил имот во Северна Македонија, Белгија и Косово чија вредност надминува два милиони евра.
Најголемиот дел од имотот е лоциран во Белгија, каде поседува куќа, станбена зграда и удел во друга станбена зграда со вкупна вредност од околу 1,3 милиони евра.
Во Северна Македонија пријавил стан во скопската населба Карпош, куќа во Опае, градежно земјиште и повеќе земјоделски парцели, додека во Косово поседува половина стан вреден околу 126.000 евра.
Анкетниот лист покажува дека покрај владината плата од 115.540 денари месечно, Фетаи остварува и годишен приход од околу 2,76 милиони денари од издавање недвижности во Белгија.
Пријавил и пет моторни возила, меѓу кои Audi Q7, Range Rover Sport и Mercedes C-Class, како и хипотекарен кредит во Белгија од 334.601 евра со рок на отплата до 2029 година.
Политички пат меѓу Села, Таравари и Курти
Фетаи беше донесен во македонската политика од лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во 2016 година, како кадар со меѓународно искуство од Белгија и европските институции.
Пред тоа имаше краток и неуспешен политички ангажман во Косово, поврзан со внатрешните превирања во движењето на Албин Курти.
Политичката кариера во Северна Македонија беше обележана со неколку пресврти. За време на поделбата на Алијансата за Албанците во 2023 година, тој застана зад Арбен Таравари и проектот ВЛЕН, поддржан од косовскиот премиер Курти, со што се дистанцираше од Села, политичарот кој го воведе во македонската политика.
По заминувањето на Таравари од Владата, Фетаи одлучи да остане дел од владејачкото мнозинство, но не успеа да изгради посилна политичка позиција ниту во рамките на Алијансата за Албанците ниту во коалицијата ВЛЕН.
Во последните месеци неговото политичко влијание дополнително ослабна, а јавноста речиси и да немаше информации за неговите активности.
Отворени прашања
Со констатирањето на оставката завршува неговиот формален ангажман во Владата, но остануваат отворени прашањата за ефектите од ресорот за добро владеење, оправданоста на дел од службените трошоци и политичката иднина на функционерот кој од Брисел дојде со амбиција да биде дел од новата генерација албански политичари во Северна Македонија.
Дали оставката претставува привремено повлекување или враќање кон животот и кариерата во Белгија, засега останува неизвесно.

