Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини од 10 и 12,5 отсто за стоки од 60 трговски партнери, меѓу кои Европската Унија и Кина, обвинувајќи ги дека недоволно ги спроведуваат забраните за производи создадени со присилна работа.
Новите царини стапија во сила во петокот, истовремено со истекувањето на привремената глобална давачка од 10 отсто, која беше воведена на период од 150 дена.
Мерките опфаќаат 99,4 отсто од целиот американски увоз, но предвидуваат исклучоци за нафта и гас, ѓубрива, одредени прехранбени производи, авиони, критични минерали и стоки што веќе подлежат на царини од областа на националната безбедност.
Царините се воведени врз основа на член 301 од Законот за трговија од 1974 година, кој ѝ овозможува на администрацијата да одговори на практики што ги смета за неправедни или дискриминаторски.
Потегот ѝ овозможува на Белата куќа да задржи минимална царинска стапка за речиси целиот увоз, откако Врховниот суд во февруари ги поништи претходните „реципрочни“ царини воведени врз основа на закон за национални вонредни состојби.
„Соединетите Држави речиси еден век забрануваат увоз на стоки произведени со присилна работа и строго ја спроведуваат таа забрана. Време е и нашите трговски партнери да го направат истото“, изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.
Според администрацијата, слабата примена на забраните за присилна работа им дава неправедна конкурентска предност на странските производители во однос на американските компании.
Различни стапки за партнерите
Царина од 10 отсто е воведена за производи од Аргентина, Бангладеш, Велика Британија, Камбоџа, Канада, Еквадор, Ел Салвадор, Гватемала, Хондурас, Индија, Индонезија, Јордан, Малезија, Мексико, Пакистан, Шри Ланка и Тринидад и Тобаго.
Европската Унија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Швајцарија добија стапки кои, заедно со постојните царини за најповластена нација, достигнуваат вкупно 10 или 12,5 отсто.
За уште 38 земји, меѓу кои Кина и Виетнам, е утврдена стапка од 12,5 отсто.
Вашингтон ја обвинува Кина дека припадници на ујгурското малцинство се задржуваат во работни кампови, што Пекинг го негира.
Американските власти ги информирале кинеските претставници дека имаат намера вкупните царини за кинеските производи повторно да ги доведат до 20 отсто, колку што било договорено во трговското примирје меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во ноември 2025 година.
ЕУ ја оспори американската аргументација
Новите мерки предизвикаа реакции кај дел од трговските партнери.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас изјави дека ЕУ ги доживува царините како шок и дека американското образложение нема логика.
Таа оцени дека европските работнички права, вклучително и платениот одмор и условите за работа, се построги од оние во САД.
Австралија и Бразил ги опишаа царините како неоправдани и најавија дека ќе бараат нивно повлекување. Норвешка соопшти дека не постои основа за мерките.
Канада, која претходно неделава беше погодена и со дополнителни американски царини за стоки во вредност од околу 20 милијарди долари, соопшти дека ќе продолжи со разговорите со Вашингтон.
Правно посигурен механизам
Трговските експерти оценуваат дека новите давачки би можеле потешко да бидат соборени пред судовите отколку претходните царини.
Членот 301 веќе преживеал повеќе правни предизвици, а судиите би можеле да бидат повоздржани кон мерки што формално се оправдуваат со борба против присилната работа.
„Ова е чекан. Истовремено, целта е да се задржи основната царина од 10 отсто, а администрацијата смета дека е добро заштитена ако случајот стигне пред суд“, изјави трговскиот адвокат Рајан Маџерус.
Поранешната советничка на Белата куќа Кели Ен Шо оцени дека економското влијание најверојатно ќе биде ограничено, бидејќи дел од партнерите веќе договориле максимални царински стапки со Вашингтон.
Американски функционер негираше дека новите царини се само замена за истечената глобална давачка, и покрај совпаѓањето на времето, стапките и широкиот опфат.
Стоките што се во транзит ќе бидат ослободени од новите царини до 28 јули.

