Поранешниот висок претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел, ја обвини Европската комисија дека ги надминува своите овластувања во областа на дипломатијата и одбраната, оценувајќи дека преклопувањето на надлежностите меѓу Комисијата и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) создало „вистински хаос“ во европската надворешна политика.
Во интервју за „Политико“, Борел изјави дека Европската комисија не може да тврди дека ја претставува Европската унија во надворешната политика, бидејќи, според договорите на ЕУ, таа ја претставува само самата Комисија.
„Комисијата не зборува во име на Европската унија. Комисијата ја претставува само Комисијата“, рече Борел, кој беше шеф на европската дипломатија од 2019 до крајот на 2024 година.
Неговите коментари претставуваат најдиректна јавна критика досега на растечката улога на Европската комисија во надворешната и безбедносната политика под раководство на претседателката Урсула фон дер Лајен.
Борел посочи дека Комисијата има право да управува со политиките што имаат надворешна димензија, но не и да ја дефинира заедничката надворешна политика на Унијата.
„Едно е да се управува со политики кои имаат надворешна компонента, а сосема друго е да се утврдува позицијата на Европската унија за војната со Иран, израелско-палестинскиот конфликт или други меѓународни кризи“, изјави тој.
Како пример за институционално преклопување, Борел го наведе неодамнешното патување на европската комесарка за Медитеранот, Дубравка Шуица, во Израел, во период кога шефицата на европската дипломатија Каја Калас се соочува со дипломатски тензии со израелските власти.
Поранешниот шеф на европската дипломатија изрази загриженост и за сè поголемата улога на Европската комисија во одбранбената политика, особено по назначувањето на првиот европски комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, со мандат да работи на формирање на Европска одбранбена унија.
„Одбранбената политика останува меѓувладина политика. Комисијата не може да се претвори во сенка на Пентагон“, рече Борел.
Тој предупреди дека доколку не се разјаснат институционалните надлежности, конфликтите меѓу европските институции ќе стануваат сè поизразени, особено во услови кога Европската унија настојува да изгради посилна заедничка надворешна и безбедносна политика.

