Српскиот претприемач Љубиша Каровиќ, кој преживеа откако беше делумно извлечен низ скршен прозорец на авион на „Рајанер“, изјави дека звукот на експлозијата и моментите на хаос сè уште го прогонуваат речиси две недели по инцидентот.
Во интервју за „Гардијан“, 61-годишниот Каровиќ рече дека се разбудил од силна експлозија додека спиел на седиштето до прозорецот на летот FR1879 од Солун кон Германија.
„Експлозијата е она што го паметам. Тоа е бучавата пред хаосот, бучавата што секогаш е присутна кога ги затворам очите за да заспијам“, изјави тој.
Каровиќ претрпел изгореници и повреди на десната рака, градите и вратот, а сè уште носи ортопедска јака. Тој беше отпуштен од болница по повеќедневно лекување.
„Имам среќа. Не се сеќавам многу, но сè уште сум жив. Можеби ме спаси безбедносниот појас, можеби е судбина. Верувам во Бога и му благодарам секој ден“, рече тој.
Неговиот адвокат Василис Цијарас изјави дека Каровиќ бил извлечен низ скршениот прозорец „од градите нагоре“ кога авионот изгубил притисок во кабината на околу 15.000 стапки и се движел со брзина поголема од 600 километри на час.
„Тој погледна во смртта и се врати“, рече адвокатот.
Сопругата на Каровиќ, Светлана, која седела три реда зад него, рече дека токму патниците се обиделе да му го спасат животот.
„Никој од кабинскиот персонал не помогна. Тоа беа патниците. Еден човек, мислам дека беше Албанец, се обиде прво со торба, која веднаш беше вшмукана, а потоа со куфер, кој успеа да го блокира отворот. Засекогаш ќе му бидеме благодарни“, изјави таа.
Според неа, драмата траела меѓу една и пол и две минути.
„Рајанер“ ги отфрли тврдењата дека кабинскиот екипаж не реагирал, наведувајќи дека за време на депресуризацијата сите патници и членови на екипажот морале да останат врзани со безбедносни појаси и да користат маски за кислород.
Компанијата соопшти дека по спуштањето на безбедна височина, екипажот му помогнал на Каровиќ, го преместил до неговата сопруга, обезбедил лекар меѓу патниците и организирал медицински тим да го пречека авионот по принудното слетување во Солун.
Адвокатот, повикувајќи се на сведоштва од патници, тврди дека кабинскиот екипаж бил во шок и дека првата помош ја дале другите патници.
Каровиќ изјави дека лекарите му препорачале најмалку шест недели да носи ортопедска јака, по што ќе се утврди дали ќе биде потребна операција.
Тој најави дека ќе бара обештетување од авиокомпанијата.
„Има слики што постојано ми се враќаат – звукот на експлозијата и хаосот. Сакам само да закрепнам. И, да, треба да има надомест. Не само е-пошта за повторно резервирање на летот“, рече тој.
На крајот упати едноставна порака до патниците:
„Секогаш носете го безбедносниот појас. Не сакам никој да го доживее тоа што ми се случи мене.“

