30.8 C
Скопје
13 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Груби и Бајрами обвинети: Обвинителството тврди дека Лотарија е оштетена за 8,2 милиони евра

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами и уште шест лица, кои ги товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со набавка на видеолотариски терминали, со проценета штета од околу 8,2 милиони евра.

Според обвинението, осумтемина во текот на 2023 и 2024 година заеднички преземале дејствија со кои ги пречекориле службените овластувања и на Државната лотарија ѝ нанеле штета од 507,6 милиони денари.

Обвинителството тврди дека обвинетите знаеле оти Државната лотарија нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали, бидејќи тоа право во 2013 година било внесено како капитал во Државна Видеолотарија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје.

Правото тогаш било проценето на 6,24 милиони евра, а Државната лотарија за возврат добила 51 отсто од сопственоста во заедничкото друштво.

Според обвинителството, и покрај тоа, во мај 2023 година била иницирана постапка Државната лотарија самостојно да започне со приредување електронски игри и да набави видеолотариски терминали.

Набавката била проценета на 42 отсто од сметководствената вредност на имотот на компанијата, што ја квалификувало како „голема зделка“, за која требало да одлучува Надзорниот одбор.

Обвинителството тврди дека информацијата наместо да биде упатена до надлежниот орган, во јуни 2023 година била ставена како дополнителна точка на владина седница, по што Владата ја задолжила Државната лотарија да ги преземе потребните активности за самостојно приредување електронски игри и за јавна набавка на терминалите.

Надзорниот одбор потоа ја одобрил набавката, која била реализирана, со што, според обвинението, Државната лотарија презела финансиски обврски од 507,6 милиони денари.

Обвинението следува по повеќемесечна истрага. Обвинителството побара продолжување на куќниот притвор за Груби, како и мерки на претпазливост за останатите обвинети.

Груби, долгогодишен висок функционер на ДУИ и еден од најблиските соработници на лидерот на партијата Али Ахмети, ја напушти земјата во декември 2024 година и по него беше распишана меѓународна потерница. Тој се врати во Северна Македонија во февруари годинава и беше приведен на граничниот премин Блаце, по што му беше определен куќен притвор.

Обвинителството побара 30-дневен притвор од моментот на пронаоѓање за првообвинетиот во предметот, кој според обвинителите е недостапен за органите на прогонот.

Поднесувањето обвинение не значи утврдување вина. За вината на обвинетите треба да одлучи судот во понатамошната постапка.

Related posts

Напредок без договор: Тензиите околу Ормус го држат светот во неизвесност

admin

Снимка од возилата на грабнувачите отвори нови прашања

admin

Додека патници чекале воз, НАТО вежбал војна со Русија под Чаринг Крос

admin

Ванковска: Јас сум за евроинтеграција, но на сосема поинаква основа

admin

Скопјанец ограбен во Дренас, Косово – украдена лична документација

admin

ЕУ и земјите од Персискиот Залив ги осудија иранските напади, повикаа на итен прекин

admin