Родителите на првачињата во Тетово сè уште не ја добиле еднократната финансиска помош од 6.150 денари, околу 100 евра, што Општината ја изгласа во јуни, а градоначалникот Биљал Касами вели дека исплатата е оневозможена поради блокираната општинска сметка и побарувањата на извршителите.
Одлуката предвидуваше поддршка за учениците запишани во прво одделение до 20 јуни, а ваучерите требаше да бидат поделени на почетокот на јули.
Тоа не се случи, а новата учебна година започнува без реализирање на ветената помош.
Касами вели дека Општината ги подготвила налозите за исплата, но тие не биле реализирани.
„Ние пуштивме налози да се платат парите за првачињата, но за жал извршителите, односно Трезорот не ги реализираше тие налози поради тоа што сме блокирани“, изјави Касами.
Тој најави дека Општината работи на надминување на блокадата и дека исплатата за првачињата ќе биде меѓу приоритетите откако ќе се создадат услови.
Приливите одат за долговите
Според објаснувањето на Касами, проблемот произлегува од старите долгови на Општина Тетово и извршните постапки.
Тоа значи дека средствата што пристигнуваат на општинската сметка се насочуваат кон подмирување на побарувањата, што го ограничува реализирањето на други исплати.
Случајот отвора прашање зошто финансиската помош за првачињата била изгласана во јуни доколку состојбата со блокираната сметка не овозможувала нејзина реализација.
Касами не наведе конкретен датум кога родителите можат да ја очекуваат исплатата.
На истата седница 18.000 евра помош за Муфтиството
Дополнително внимание предизвикува и фактот дека на истата седница на Советот на Општина Тетово во јуни била изгласана и еднократна финансиска помош од околу 18.000 евра за Исламската верска заедница – Муфтиство Тетово.
Според објавените информации, средствата биле одобрени по барање на Муфтиството за надоместување на износ платен како данок на промет при купување недвижен имот во комплексот Арабати Баба Теќе.
Од достапните информации не е јасно дали и оваа финансиска помош е исплатена или, како средствата за првачињата, останала нереализирана поради блокадата.
За целосна слика, Општина Тетово треба да објави колкава е актуелната вредност на обврските по извршни решенија, колку средства се повлечени од сметката и кога реално може да започне исплатата на помошта за првачињата.

