Поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад е осуден на смрт откако суд во Дамаск го прогласи за виновен за убиство со предумисла во историски процес поврзан со репресијата на почетокот на сириската граѓанска војна, објави Ал Џезира.
На смрт е осуден и Атеф Наџиб, поранешен шеф на политичката безбедност во јужната сириска провинција Дера. Тој е прогласен за виновен за убиство со предумисла и тортура.
Кривичниот суд во Дамаск оценил дека злосторствата извршени од владата на Асад во Дера во 2011 година претставуваат злосторства против човештвото.
Пресудата претставува еден од најзначајните судски процеси против претставници на поранешниот сириски режим по падот на власта на Асад.
Дера има централно место во поновата сириска историја. Антивладините протести што започнаа таму во 2011 година, по апсењето и малтретирањето на ученици кои испишувале антивладини графити, прераснаа во пошироко востание против власта на Асад.
Жестоката реакција на безбедносните сили помогна протестите да се прошират низ земјата, а кризата подоцна прерасна во повеќестрана граѓанска војна.
Наџиб, кој во тоа време раководеше со политичката безбедност во Дера, со години беше посочуван како една од клучните фигури во почетната репресија.
Според првичните информации од пресудата, судот утврдил дека постапувањето на тогашните власти во Дера достигнало ниво на злосторства против човештвото.
Засега не се објавени целосните детали од судската одлука, ниту сите правни механизми за нејзино обжалување или извршување.

