Американскиот претседател Доналд Трамп ги извести законодавците дека сè уште не е можно да се утврди „целосниот обем и времетраење“ на американските воени удари врз Иран, наведувајќи дека заканата од Техеран станала „неодржлива“ и покрај обидите за дипломатско решение.
Во писмо испратено до претседателот про темпоре на Сенатот, Чак Грасли, Трамп наведе дека Иран „останува еден од најголемите, ако не и најголемиот, државни спонзори на тероризам во светот“ и дека „продолжува да се обидува да обезбеди средства за поседување и употреба на нуклеарно оружје“.
„Неговиот арсенал на балистички, крстосувачки, противбродски и други ракети претставува директна закана и напаѓа американски сили, комерцијални бродови и цивили, како и нашите сојузници и партнери“, се наведува во писмото.
Трамп додаде дека во операцијата не се ангажирани американски копнени сили.
САД и Израел започнаа напади врз Иран во саботата, по што Техеран возврати со лансирање ракети и беспилотни летала кон Израел и кон заливските држави сојузници на Вашингтон.
Неколку демократи, како и мал број републиканци, го доведоа во прашање тоа дали Трамп ги надминал своите овластувања со започнување на воени дејствија без одобрување од Конгресот. Дел од нив поддржаа иницијатива за резолуција за воени овластувања, со која би се ограничила можноста на претседателот за понатамошни акции.
Членови на Конгресот во вторникот присуствуваа на доверлив брифинг од државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и други високи претставници.
Според американскиот закон, Конгресот мора да биде известен во рок од 48 часа од започнување на непријателствата, иако претседателот има широки овластувања да нареди воена акција без формална објава на војна.
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, изјави дека администрацијата навремено ја известила таканаречената „група од осуммина“ – двопартиска група лидери на Конгресот – и дека барањата од законот биле целосно испочитувани.
„Постапивме 100% во согласност со законот и ќе продолжиме така“, изјави Рубио, додавајќи дека ниту една претседателска администрација досега целосно не го прифатила Законот за воени овластувања како уставен.
По брифингот, Џонсон оцени дека Трамп постапил „целосно во рамки на своите законски овластувања“ и во согласност со претходната пракса.
Но дел од законодавците останаа скептични. Сенаторот Крис Марфи, демократ од Конектикат, изјави дека ситуацијата е „исклучително сериозна“ и побара дебата во Сенатот за одобрување на употребата на воена сила.
Сенаторот Ричард Блументал предупреди дека постои ризик САД да испратат копнени трупи, додека сенаторот Брајан Шац рече дека по брифингот останал „подеднакво збунет како и американската јавност“ во однос на целите и времетраењето на конфликтот.
Гласањето за резолуцијата во Сенатот се очекува во среда и, според проценките, може да биде тесно, бидејќи неколкумина републиканци сè уште не одлучиле како ќе гласаат. Во Претставничкиот дом, каде републиканците имаат тесно мнозинство, гласањето се очекува во четврток.

