Фотографии на кои се гледаат посетители во костими за капење како се качуваат по надворешниот дел од црквата „Св. Никола“ во Мавровското Езеро предизвикаа реакции на социјалните мрежи и повици до институциите да утврдат дали е нарушен или оштетен верскиот и културниот објект.
Според објавата што се прошири на социјалните мрежи, посетителите пристигнале со комбиња и се качувале директно по ѕидовите на храмот. Авторот на објавата оценува дека станува збор за несоодветно однесување на место кое истовремено има верско, културно и туристичко значење.
„Ова не е плажа, не е базен и не е место за вакво однесување“, се наведува во објавата, во која се поставуваат и прашања дали постојат правила за пристап до црквата и кој е задолжен за нивно спроведување.
Случајот повторно го отвори прашањето за заштитата на познатата потопена црква, која со години е една од најпрепознатливите туристички локации во Маврово.
Во јавниот апел се повикуваат Општина Маврово и Ростуше, комуналната инспекција, полицијата, Националниот парк „Маврово“ и институциите задолжени за културното наследство да извршат увид.
Од нив се бара да утврдат дали е направена материјална штета, дали се прекршени прописите за заштита на објектот и дали има основа за санкции.
Авторот на објавата нагласува дека критиката не е насочена против странските туристи.
„Туристите се добредојдени“, се наведува во реакцијата, но се додава дека секој посетител треба да ги почитува верата, културата, традицијата и правилата на местото што го посетува.
До објавувањето на информацијата немаше официјална реакција од Општина Маврово и Ростуше, полицијата или другите посочени институции.

