Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро се судри со лидерката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, во Бундестагот, неколку дена откако крајнодесничарската партија освои речиси 44 проценти од гласовите на изборите во Саксонија-Анхалт.
Мерц ја нарече АфД „деструктивна сила“ и предупреди дека нејзината политика на таканаречена „ремиграција“ би можела да погоди милиони луѓе со мигрантско потекло кои работат во германската економија.
Вајдел возврати дека резултатот во Саксонија-Анхалт покажал оти коалицијата на Мерц со социјалдемократите е неуспешна и дека времето на неговата влада истекува.
Изборниот резултат беше тежок удар за демохристијаните на Мерц, чија поддршка во покраината падна на 17,2 проценти.
АфД, иако убедливо прва, остана три пратенички места под апсолутно мнозинство и засега не е јасно дали ќе може да формира покраинска влада.
Мерц ја нападна политиката на „ремиграција“
Мерц рече дека околу еден од шест квалификувани работници во Германија има мигрантско потекло и оцени дека плановите на АфД за масовна „ремиграција“ би имале сериозни последици за економијата.
Тој употреби исклучително остар речник, оценувајќи дека таквата политика би била „синоним за етничко чистење во квалификуваните професии врз основа на боја на кожа и потекло“.
Канцеларот рече дека германската влада прави разлика меѓу луѓето без право на постојан престој и оние кои придонесуваат за германската економија и општество.
Според него, без работници со мигрантско потекло би било тешко да функционираат болници, домови за стари лица, ресторани и други сектори.
Вајдел: Владата ја води Германија кон банкрот
Вајдел, како лидер на најголемата опозициска партија во Бундестагот, рече дека изборите покажале оти демохристијаните биле „смачкани“ во Саксонија-Анхалт.
Таа ја обвини владината коалиција дека ја води Германија кон економски пад и ја поврза миграцијата со насилство и несигурност.
Мерц возврати дека АфД не освоила апсолутно мнозинство и дека, според него, нема да успее да го направи тоа ниту на федерално ниво.
„Вие сте и ќе останете деструктивна сила“, рече Мерц.
Дебатата беше прекинувана од гласни дофрлања од пратениците на АфД, поради што претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер, во еден момент се закани дека ќе почне да ги отстранува пратениците од салата.
Историски успех, но неизвесна власт
АфД оствари историски резултат во Саксонија-Анхалт, но сè уште нема сигурен партнер со кој би можела да формира влада.
Партијата отвори можност за соработка со друга политичка сила доколку таа го поддржи нејзиниот кандидат Улрих Зигмунд за премиер на покраината.
Главните германски партии досега се придржуваат до таканаречениот „заштитен ѕид“, политички принцип според кој не соработуваат со АфД.
АфД во Саксонија-Анхалт е означена како десничарско-екстремистичка од германската служба за заштита на уставниот поредок.
Партијата најавува построга политика кон нерегуларната миграција и кампања за депортации и „ремиграција“.
Трамп го поздрави резултатот
Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави успехот на АфД, оценувајќи дека германската „популистичка партија“ имала „многу голема ноќ“.
Тој го поврза резултатот со незадоволството од германската миграциска политика.
Мерц, пак, го обвини АфД дека ги штети германските интереси со својата политика кон Русија.
Неговата порака по изборниот шок е дека традиционалните партии мора да одговорат на незадоволството на гласачите без, како што рече, да ги прифатат политиките на крајната десница.

