17.8 C
Скопје
26 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„12:05“ оди чекор понатаму: На иста маса СДСМ, Левица и ЛДП, се бара нов општествен договор

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“, составена од поранешни и сегашни функционери на СДСМ, граѓански активисти и други јавни личности, повика на создавање „Нов општествен договор“ и широк опозициски потенцијал за политички промени, на втората средба на која за првпат учествуваа и претставници на Левица, ЛДП и Српската странка во Македонија.

На сесијата насловена „35 години потоа…“ учествуваа пратеникот и портпарол на Левица Амар Мециновиќ, меѓународниот секретар на ЛДП Емир Чориќ и претседателот на Српската странка во Македонија Мирослав Јовановиќ, покажува списокот на учесници објавен од платформата.

Нивното присуство го проширува политичкиот состав на иницијативата во момент кога „12:05“ веќе е во отворен судир со раководството на СДСМ и повикува на пошироко опозициско обединување.

На средбата присуствуваа и поранешни и актуелни функционери и членови на СДСМ, меѓу кои Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Славјанка Петровска и Никола Ќуркчиев, како и претставници на граѓанскиот сектор и други јавни личности.

Според платформата, на втората сесија имало 19 нови учесници.

Критики и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ

По средбата, „12:05“ излезе со остра критика кон актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и кон раководството на СДСМ.

Учесниците ја критикувале Владата поради, како што наведуваат, недоволна борба против криминалот и корупцијата, отсуство на вистински реформи во правосудството, проблеми во јавните услуги, финансиска неликвидност и неисполнети ветувања.

Платформата оцени дека досегашниот мандат на Владата ја става „на врвот на ранг-листата на неспособни влади“.

Критики беа упатени и кон двете најголеми партии.

„Традиционалните партии олицетворени во сегашните раководства на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се претворија во идеолошки осиромашени партиски множества на лојалисти и луѓе кои немаат ниту визија ниту знаење како да ги решат напластените проблеми“, се наведува во заклучоците.

Платформата претходно повика на опозициско обединување во кое би учествувал СДСМ, но без неговиот актуелен претседател Венко Филипче и сегашното партиско раководство.

Филипче возврати дека станува збор за обид за преземање на партијата, нарекувајќи ја иницијативата „ЗНАМ 2.0“. Од „12:05“ ги отфрлија обвинувањата и порачаа дека немаат намера да формираат нова политичка партија, туку бараат промени во СДСМ и пошироко обединување на опозицијата.

Една изборна единица, па отворени листи

Втората средба донесе и поконкретни политички предлози.

Платформата бара промена на изборниот модел во две фази – прво воведување на една изборна единица, а потоа и отворени кандидатски листи.

Според учесниците, таквиот модел треба да овозможи поголема репрезентативност и разновидност во Собранието и поголема одговорност на пратениците пред избирачите.

Во економската политика, платформата предлага „правичен даночен систем“ со кој би се овозможила поголема прераспределба на богатството и намалување на сиромаштијата.

„Повеќе ненаучени лекции отколку системски прогрес“

Сесијата беше организирана околу оценка на 35-те години од независноста.

Учесниците заклучиле дека земјата има „повеќе ненаучени лекции отколку суштински системски прогрес“, посочувајќи ги долгата транзиција, приватизацијата, социјалните разлики, иселувањето на младите и стареењето на населението како дел од проблемите што се наталожувале во изминатите три и пол децении.

Тие оцениле и дека компромисите направени во процесот на меѓународно позиционирање на земјата предизвикале долгорочни поделби, додека внатрешните реформи останувале зависни од политичките циклуси.

Според платформата, професионалната политика, наместо механизам за носење државнички одлуки, во значителен дел се претворила во „занает за брзо богатење“.

Од внатрешна битка во СДСМ кон поширока опозициска платформа?

Најзначајниот политички сигнал од втората сесија е проширувањето на кругот на учесници надвор од сегашни и поранешни структури поврзани со СДСМ.

Присуството на претставници на Левица, ЛДП и Српската странка доаѓа само неколку дена откако „12:05“ јавно повика на создавање поширок опозициски фронт.

Завршната порака на втората сесија е дека на земјата ѝ е потребен „Нов општествен договор“ како основа за создавање „широк опозициски потенцијал за промени“.

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја одржа првата средба на 1 јули, а во неа досега се вклучија поранешни и актуелни функционери, универзитетски професори, граѓански активисти и други јавни личности.

 

Related posts

Шокантен извештај за македонските затвори и психијатриски установи: Страв, нехумани услови и сомнителни пациенти

admin

Села повикува на обединување на албанските партии и заеднички настап на изборите

admin

Моментот кога израелска ракета удира во живо програма на иранската телевизија – студиото во пламен, паника во Техеран!

admin

ДУИ: Над 730 јавни конкурси пред избори – обид за манипулација на граѓаните

admin

Милош Вучевиќ поднесе оставка како премиер на Србија

admin

Путин веќе се подготвува за следниот бунт

admin