Првостепената пресуда со која Специјализираните совети на Косово во Хаг ги прогласија Хашим Тачи и тројца други поранешни водачи на ОВК за виновни за воени злосторства предизвика остро спротивставени реакции во Северна Македонија, Косово, Албанија и Србија.
Судскиот совет го осуди поранешниот косовски претседател Тачи на 25 години затвор, Јакуп Красниќи на 25, Кадри Весели на 18 и Реџеп Селими на 13 години, со засметување на времето поминато во притвор.
Судот ги прогласи четворицата за кривично одговорни за воени злосторства поврзани со произволно притворање, сурово постапување, тортура и убиства. Според судот, утврдена е одговорност за произволно притворање на 385 лица, тортура на 303 и убиства на 96 лица.
Истовремено, тие беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, бидејќи судскиот совет оцени дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение постоење широк или систематски напад насочен против цивилно население.
Пресудата е првостепена и може да биде предмет на жалбена постапка.
Гаши: За Албанците тие остануваат ослободители
Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши реагираше со силна политичка поддршка за четворицата поранешни водачи на ОВК.
„За албанскиот народ, тие се и остануваат ослободители на Косово“, напиша Гаши на Фејсбук.
Тој рече дека ниту една пресуда не може да го негира, според него, местото на Тачи, Красниќи, Весели и Селими во историјата на Косово и нагласи дека станува збор за првостепена одлука и дека „борбата за правда продолжува“.
Неговата реакција предизвика прашања во јавноста дали претседател на Собранието треба да зазема страна околу пресуда на суд формиран во рамките на косовскиот правен систем.
Владата, во одговор за ТВ24, не ја коментираше директно изјавата на Гаши. Таа наведе дека јурисдикцијата на Специјализираните совети е прифатена од Косово и дека пресудата не е поврзана со внатрешните работи на Северна Македонија.
Специјализираните совети навистина се формирани врз основа на меѓународен договор, уставна измена и закон усвоен од Собранието на Косово, иако седиштето им е во Хаг, а судиите и останатиот персонал се меѓународни.
Ахмети, Меџити и Таравари ја критикуваа пресудата
Лидерот на ДУИ Али Ахмети ја оцени пресудата како „неправедна и длабоко разочарувачка“ и повика на воздржаност и единство.
Ахмети нагласи дека ОВК, според неговото гледиште, настанала како одговор на угнетувањето и се борела за слободата на Косово. Тој посочи и на фактот дека четворицата се ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото.
Изет Меџити од ВРЕДИ исто така ја оцени одлуката како неправедна, тврдејќи дека војната на ОВК била борба за „слобода, независност и достоинство“.
Слична порака испрати и лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, според кого ниту една судска одлука не може да ја избрише жртвата на оние што се бореле за слободата на Косово.
Со тоа, барем во првите реакции, главните партии на етничките Албанци во Северна Македонија покажаа сличен политички однос кон пресудата, и покрај нивните остри меѓусебни поделби на домашната политичка сцена.
Рама со еден збор – „срам“
Албанскиот премиер Еди Рама реагираше со објава на социјалните мрежи во која пресудата ја означи како „срам“.
Рама и претходно го критикуваше процесот против поранешните водачи на ОВК.
Неговата реакција се вклопува во поширокото несогласување во албанската политичка јавност со исходот од процесот, но не го менува правниот статус на пресудата ниту утврдената одговорност во прв степен.
Белград ја чита пресудата сосема поинаку
Во Србија реакциите беа спротивни.
Ивица Дачиќ ја претстави пресудата како потврда на долгогодишните српски тврдења за злосторства извршени од припадници на ОВК, иако истовремено оцени дека казните не се доволни и го критикуваше ослободувањето од обвиненијата за злосторства против човештвото.
Судот, меѓутоа, не судеше на ОВК како организација ниту со пресудата ја прогласи организацијата во целина за криминална или терористичка. Постапката се однесуваше на индивидуалната кривична одговорност на Тачи, Весели, Селими и Красниќи. Во пресудата судиите утврдија дека тие значително придонеле кон заедничка криминална цел насочена против лица перципирани како противници на политичките и воените цели на ОВК, меѓу кои имало Албанци, Срби, Роми и други лица.
Оваа разлика е клучна бидејќи политичките реакции во регионот во голем дел ја претставуваат пресудата како судска оценка на целата војна на ОВК, додека судот одлучуваше за конкретната кривична одговорност на четворица обвинети.
Процесот започна во април 2023 година, а пред судот беа изведени стотици сведоци и илјадници докази.
Пресудата сега ја префрла правната битка кон жалбената постапка, а политичката – назад во Приштина и во регионот, каде што наследството на војната во Косово од 1998-1999 година и натаму создава остро спротивставени толкувања.

