Црна Гора е подготвена да стане 28-ма членка на Европската Унија до 2028 година, изјави претседателот Јаков Милатовиќ во Њујорк, но амбициозниот календар на Подгорица се соочува со сè потесен временски простор и нерешени билатерални прашања со Хрватска.
Милатовиќ рече дека дошло време за нов бран на проширување и дека напредокот на Црна Гора покажува оти европската перспектива на Западен Балкан може да произведе конкретен резултат.
„Четиринаесет години решително и доследно се стремиме кон членство во Европската Унија. Денес Црна Гора е најнапредната земја-кандидат, затворивме 18 од 33 преговарачки поглавја и поставивме јасна цел да станеме 28-ма членка на Европската Унија до 2028 година“, рече Милатовиќ на собир на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ во Њујорк.
Но зад оптимистичката порака од Њујорк, во Брисел се води трка со времето.
18 поглавја затворени, уште 15 остануваат
Црна Гора во моментов е најнапредната земја во пристапните преговори со ЕУ.
Сите 33 преговарачки поглавја се отворени, а 18 се привремено затворени.
Последните две – поглавјето 8 за политиката на конкуренција и поглавјето 29 за царинската унија – беа затворени на меѓувладината конференција на 14 јули.
Подгорица сака до крајот на 2026 година да постигне значителен напредок и со преостанатите поглавја, со што би се создал простор за завршување на преговорите и подготовка на членството во 2028 година.
ЕУ веќе формираше и посебна работна група за подготовка на договорот за пристапување на Црна Гора.
Но привременото затворање на поглавјата не е конечно. За членство ќе биде потребен целосен договор со ЕУ и ратификација во сите земји-членки.
Холандија не ја повлече рачната
Во изминатите денови во црногорските медиуми се појавија информации дека Холандија бара пауза или забавување на пристапниот процес.
Холандските претставници го негираа тоа.
Хаг инсистира на спроведување на сопствената парламентарна процедура пред да даде согласност за затворање на поединечни поглавја.
Според дипломатски извори цитирани од црногорските медиуми, холандската влада прво го утврдува ставот за исполнувањето на условите, по што го информира парламентот.
Тоа ја одложи планираната меѓувладина конференција, но не претставува формална одлука на Холандија да го запре пристапувањето на Црна Гора.
Поголемиот проблем доаѓа од Загреб
Многу посериозна пречка во моментов е Хрватска.
Загреб се противи на затворањето на неколку поглавја додека со Подгорица не постигне напредок за повеќе отворени билатерални прашања.
Меѓу нив се прашањата поврзани со воените злосторства од конфликтите во 1990-тите, обесштетувањето на поранешни затвореници од логорот Морињ, исчезнатите лица, имотните побарувања на хрватски државјани, разграничувањето на море и статусот на школскиот брод „Јадран“.
Хрватска во моментов се противи и на затворањето на поглавјето 14 за транспортна политика.
Според дипломатски извори, блокирани се и поглавја поврзани со надворешната и безбедносната политика, правосудството и фундаменталните права и со правдата, слободата и безбедноста.
Тоа го прави билатералниот спор со Загреб директно релевантен за календарот за членство.
Брисел посредува
Европската комисија е вклучена во разговорите меѓу Подгорица и Загреб, додека двете страни во последните недели одржуваат контакти на министерско ниво.
Нова билатерална средба се очекува во Загреб на почетокот на октомври.
Доколку биде постигнат доволен напредок, нова меѓувладина конференција би можела да се одржи во октомври и да бидат затворени дополнителни поглавја.
Но календарот станува тесен.
До крајот на 2026 година остануваат ограничен број состаноци на Советот за општи работи на ЕУ на кои процесот може политички да се придвижува.
Милатовиќ: Проширувањето е инвестиција во безбедноста
Милатовиќ во Њујорк се обиде црногорското членство да го постави во поширокиот геополитички контекст.
„Проширувањето е една од најдобрите инвестиции во мирот, безбедноста и долгорочната стабилност. Време е проширувањето повторно да се случи“, рече тој.
Според него, влезот на Црна Гора би испратил порака до целиот Западен Балкан дека членството во ЕУ е достижно доколку кандидатите ги спроведуваат реформите.
ЕУ исто така ја опишува Црна Гора како предводник во актуелниот процес на проширување.
Но датумот 2028 останува политичка цел на Подгорица, а не гарантиран датум за членство.
Дури и ако Црна Гора ги затвори сите поглавја, договорот за пристапување ќе мора да помине низ процес на ратификација кај земјите-членки.
Иронијата на црногорскиот случај
Случајот со Црна Гора повторно го отвора едно од најчувствителните прашања во проширувањето на ЕУ: колку процесот е заснован врз реформски резултати, а колку може да биде забавен од билатерални спорови со земји-членки.
Подгорица има отворени сите поглавја и повеќе од половината веќе ги има привремено затворено.
Но за секое следно придвижување е потребна согласност од земјите-членки.
Затоа Милатовиќ во Њујорк зборува за нов бран на проширување во момент кога неговата земја истовремено се обидува да го реши спорот со една од своите сосетки која веќе е членка на ЕУ.
Доколку Подгорица и Загреб постигнат компромис во следните месеци, Црна Гора може да продолжи со затворање на поглавјата.
Ако спорот потрае, целта за членство во 2028 година ќе зависи од тоа колку брзо ќе може да се надомести изгубеното време во преговорите и последователната ратификација.

