Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува дијалогот со Бугарија да продолжи и со текот на времето да доведе до приближување на ставовите, додека лидерот на СДСМ Венко Филипче повика европската интеграција да стане конкретна национална цел околу која ќе се обединат политичките и општествените сили.
Изјавите доаѓаат два дена по средбата во Софија меѓу министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, која двете страни ја оценија како конструктивна, но без решение за суштинските прашања.
„Се радувам што тој дијалог почна, се радувам што за дијалогот се запознаени нашите партнери“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во демократијата е важно да се разговара и кога ставовите се различни.
„Умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис“, рече премиерот.
На прашањето дали е можна нова средба со бугарската страна до декемврискиот самит на ЕУ, Мицкоски не наведе конкретен рок.
„Да оставиме процесот да се движи по природен пат. За сè што треба јавноста да знае, ќе знае на време“, рече тој.
По средбата во Софија, Петрова-Чамова изјави дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но очекува исполнување на обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени.
Муцунски, пак, оцени дека средбата била конструктивна и во позитивен дух, но без решение за клучните отворени прашања.
Средбата беше иницирана од македонска страна, по предлог на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за обновување на директниот дијалог меѓу Скопје и Софија.
Паралелно, лидерот на СДСМ Венко Филипче на марш во Прилеп по повод 11 Октомври изјави дека европската интеграција треба да се третира како национална, а не партиска цел.
„Европската интеграција не е проект на СДСМ, не е проект на една влада, не е проект на една генерација“, рече Филипче.
Според него, членството во ЕУ е долгогодишен стремеж за подобра економска и општествена перспектива.
Тој нагласи дека европската иднина е особено важна за младите и дека политиките треба да создадат услови тие да останат во земјата.
„Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“, рече Филипче.

