13.8 C
Скопје
8 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Светска банка: Македонија може да заглави на 55 отсто од доходот на ЕУ до 2050

Северна Македонија може да оствари економски раст од 3,2 отсто годинава, но без подлабоки структурни реформи долгорочниот раст би можел да забави на околу 2,4 отсто годишно до 2050 година, што би го отежнало намалувањето на доходовниот јаз со Европската Унија, покажува најновата анализа на Светска банка.

Светска банка ја подобри прогнозата за растот во 2026 година од претходните 2,9 на 3,2 отсто, при што инфраструктурните проекти се очекува да бидат еден од главните двигатели на економската активност.

За 2027 и 2028 година Банката прогнозира раст од по 3 отсто, додека за Западен Балкан очекува 3,1 отсто во 2026 и 3,4 отсто во следните две години.

17 години во истата доходовна категорија

Во анализата Светска банка оценува дека Северна Македонија за помалку од две децении преминала од земја со понизок среден доход во земја со повисок среден доход, но дека во последните 17 години останува на тоа ниво.

Сања Маџаревиќ-Суистер од Светска банка рече дека приближувањето кон доходовните нивоа на ЕУ е побавно отколку кај дел од земјите во регионот.

Според анализата, без реформи земјата до средината на векот би достигнала околу 55 отсто од просечниот доход во ЕУ.

„Прозорецот на можности се стеснува. Демографските притисоци се засилуваат со секоја година, конкурентноста во клучните извозни сектори слабее, а моделот на раст што ја донесе земјата до повисок среден доход го губи замавот“, оценува Светска банка.

Проблемите: ниска продуктивност, слаби инвестиции и помалку работници

Банката лоцира три главни структурни слабости: ниска продуктивност и ниско ниво на инвестиции, нарушена конкуренција и недоволно искористен човечки капитал кој истовремено се намалува и поскапува.

Сегашниот модел на раст, поттикнат од приватна потрошувачка и странски директни инвестиции со релативно ниска додадена вредност и висок увозен интензитет, според анализата ги достигнува своите граници.

Дополнителни ризици се енергетиката, ограничениот фискален простор, демографските трендови и деловното опкружување.

Маџаревиќ-Суистер посочи дека странските инвестиции биле значаен генератор на нови работни места во периодот 2010–2015 година, но нивниот придонес кон вработеноста и продуктивноста денес е помал.

Реформи би го кренале растот на 3,8 отсто

Светска банка проценува дека комбиниран пакет структурни реформи би можел да го зголеми просечниот годишен раст од 2,4 на 3,8 отсто до 2050 година.

Такво сценарио, според анализата, би можело да создаде околу 250.000 дополнителни и подобро платени работни места.

Реформската агенда е организирана околу три столба: подобро економско управување и поголема конкуренција, поефикасна јавна потрошувачка и управување со државните претпријатија, како и побрза технолошка интеграција, енергетска ефикасност и иновации.

Помалку сиромашни и невработени, но јазот со ЕУ останува

Светска банка наведува дека во изминатите две децении се намалиле и сиромаштијата и невработеноста.

Маџаревиќ-Суистер посочи дека стапката на невработеност денес е околу 11 отсто, наспроти околу 35 отсто пред дваесет години.

Таа рече дека земјата направила значајна структурна трансформација, со поместување од примарното земјоделство кон услуги, производство со повисока додадена вредност, ИКТ и професионални услуги.

Сепак, Светска банка оценува дека без побрз раст на продуктивноста и инвестициите, конвергенцијата со ЕУ ќе остане бавна.

Во анализата се нагласува дека процесот на пристапување кон Европската Унија може да биде важен поттик за реформите, но не може да ги замени.

„Северна Македонија се наоѓа на крстосница. Потребните структурни реформи се добро познати. Сега се потребни политичка посветеност за нивно спроведување и институционален капацитет за реализација“, оценува Светска банка.

Related posts

ВИДЕО Али Ахмети: Уставните измени ќе поминат, можна предизборна коалиција со СДСМ

admin

Македонија го одбележува Денот на македонскиот јазик

admin

Личи на сѐ, само на главен град – не!

admin

Пресврт во Бугарија: ГЕРБ – СДС пред ПП-ДВ, Радев прогласи убедлива победа

admin

„Измислен судир меѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се сокрие вистината?“ СДСМ обвинува за таен план за мигранти

admin

НАТО за Шпанија: Нема механизам за исклучување членки

admin