Копретседателката на германската АфД, Алис Вајдел, предложи длабока реформа на Европската Унија со која повеќе надлежности би се вратиле на националните држави и парламенти, а улогата на Европската комисија би била ограничена.
На настап во Европскиот парламент во Стразбур, Вајдел рече дека реформата треба да се темели на три принципи – супсидијарност, одговорност и суверенитет.
Според неа, одлуките треба да се носат на најниското можно ниво, а националните парламенти да имаат поголема улога во областите што ги засегаат суверените права на државите.
Критика на Европската комисија
Вајдел ја критикуваше Европската комисија поради нејзиното право да предлага европски закони.
Таа тврдеше дека Комисијата нема доволно директен демократски легитимитет и дека не треба да се меша во одлуки што, според неа, треба да останат во надлежност на националните држави.
Дојче веле забележува дека голем дел од клучните политики, меѓу кои здравството, образованието, одбраната и значителен дел од фискалната политика, и сега остануваат во надлежност на земјите-членки.
„Ако Шенген не функционира, треба да излеземе“
Најостар беше нејзиниот став за миграцијата и границите.
Вајдел рече дека државите треба самостојно да ги штитат своите граници доколку ЕУ не успева да ја контролира надворешната граница.
„Ако Шенген не функционира, тогаш треба да излеземе од Шенген и да ги заштитиме нашите граници“, рече таа.
Таа побара и можност земјите да имаат право на исклучок од европски политики што ги сметаат за неуспешни.
АфД сака „Европа на суверени држави“
Предлогот се вклопува во пошироката политика на АфД, која долго време бара Европската Унија да се трансформира од политички интегриран блок во полабава заедница на суверени држави.
Вајдел оцени дека сегашната ЕУ повеќе не функционира како сојуз на целосно суверени држави и дека клучните политички одлуки треба повторно да се вратат во националните парламенти.
Нејзините предлози доаѓаат во период кога АфД бележи силни резултати во источна Германија и ја зголемува политичката тежина и на национално ниво.

