Гласачките места во Србија се отвораат во 7 часот утрово, а граѓаните ќе можат да гласаат до 20 часот, кога завршува и изборниот молк за вонредните парламентарни избори.
Според податоците што ги објави телевизијата Н1, во избирачкиот список се запишани 6.451.292 граѓани, кои ќе можат да гласаат на 8.392 избирачки места, од кои 93 се во странство, во 37 држави.
Изборите се трети парламентарни избори во последните пет години и се одржуваат во политичка атмосфера обликувана од масовните протести што започнаа по трагедијата во Нови Сад во ноември 2024 година.
Тогаш уривањето на бетонската настрешница на железничката станица предизвика протести со барања за одговорност, истраги за корупција и промени во институциите.
Студентското движење постепено прерасна во политичка иницијатива што настапува на изборите преку листата „Студентите победуваат“.
Владејачката СНС и Студентската листа во центарот на изборната борба
Иако на гласачкото ливче има 18 изборни листи, кампањата во голема мера беше обележана со политичкото спротивставување меѓу листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, предводена од СНС, и Студентската листа.
Вучиќ, кој во септември поднесе оставка од претседателската функција за да се кандидира за премиер, во завршницата на кампањата вети продолжување на економскиот развој, инфраструктурните инвестиции и сегашниот надворешнополитички курс.
Студентската листа ја водеше кампањата со барања за владеење на правото, борба против корупцијата и поголема институционална одговорност.
Двете листи во четвртокот организираа завршни предизборни собири. Студентската листа одржа масовен митинг на белградскиот плоштад Славија, додека СНС организираше собири во повеќе градови низ Србија.
За влез во парламентот потребно е изборните листи да освојат најмалку три проценти од гласовите, со посебни правила за деветте малцински листи.
Повеќе од 16.000 домашни и странски набљудувачи
Изборите ќе ги следат повеќе од 16.000 набљудувачи, вклучувајќи претставници на домашни организации, ОБСЕ/ОДИХР, Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во предизборниот извештај предупреди на долготрајната политичка криза и поларизација, наведувајќи дека дел од претходните препораки за подобрување на изборните услови не се спроведени.
Организацијата ЦРТА, исто така, предупреди на нерамноправни услови во кампањата и притисоци врз гласачите.
Властите ги отфрлаат обвинувањата за систематски изборни злоупотреби и тврдат дека презеле мерки за подобрување на изборните услови.
Србите од Косово патуваат за да гласаат
Граѓани со српско државјанство од Косово, кои сакаат да учествуваат на изборите, утрово со автобуси и приватни автомобили тргнале кон избирачки места во централна Србија, објавија српските медиуми.
Гласањето во нивните населени места на Косово не е организирано.
Радио Слободна Европа претходно објави дека повеќе од 115.000 гласачи во српскиот избирачки список имаат адреси на Косово.
Кога ќе бидат познати резултатите?
Првите проекции на изборниот исход се очекуваат вечерва, по затворањето на гласачките места.
Набљудувачките организации ЦРТА и ЦеСИД најавија објавување проценки по 21 часот.
Републичката изборна комисија има законска обврска да ги објавува прелиминарните резултати за обработените избирачки места, додека конечните резултати зависат и од завршувањето на постапките по евентуални приговори и жалби.
Според Ројтерс и Асошиејтед прес, изборите се одржуваат во услови на силна конкуренција меѓу владејачката коалиција и студентското движење, по кампања обележана со политички тензии и меѓусебни обвинувања.
Исходот ќе го одреди составот на новиот српски парламент и ќе биде важен за идната владина политика, вклучувајќи ги односите со Европската Унија, Косово и Русија.

