Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Амер Капетановиќ, во петокот учествуваше на Дубровничкиот форум 2025, насловен „Насочување на промената“, организиран од хрватското Министерство за надворешни и европски работи.
Обраќајќи се на настанот, Капетановиќ рече дека регионалната соработка „никогаш не била опционална“, туку е „генерална проба пред постигнување на нашите цели и дестинации“. Според него, таа е простор каде што се учат компромисите, се гради консензус и се споделува одговорноста.
„Заедничкиот регионален пазар е нашиот тест, нашата можност и нашиот мост кон Европската унија“, изјави Капетановиќ.
Тој беше дел од панел-дискусијата на високо ниво на тема „Западен Балкан и евроатлантскиот пат: доверба, транспарентност, трансформација“, која се фокусираше на интеграцијата на регионот и улогата на довербата, одговорноста и соработката во постигнувањето долгорочна стабилност.
Учесниците разговараа за можностите за зајакнување на темелите за евроатлантска интеграција преку инклузивен дијалог, регионална сопственост и заедничка посветеност на политичка и економска соработка.
На маргините на форумот, Капетановиќ одржа билатерални средби со Мартин Двожак, министер за европски прашања на Чешка, и Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот. Средбите беа фокусирани на процесот на европска интеграција и улогата на регионалната соработка како предуслов за стабилност и развој на Европа.

