Советот на Европската Унија ја усвои својата преговарачка позиција за воспоставување на Европски деловни паричници (European Business Wallets), дигитална алатка што треба да ги поедностави и обезбеди деловните трансакции меѓу компаниите и јавните институции низ ЕУ.
Новото решение се надоврзува на рамката eIDAS2 и има за цел да овозможи компаниите дигитално да извршуваат голем број постапки кои во моментов бараат физичко присуство или хартиена документација.
Според Советот на ЕУ, деловните субјекти преку европскиот деловен паричник ќе можат дигитално да го потврдуваат својот идентитет, да разменуваат доверливи документи, да потпишуваат и заверуваат документи електронски, како и да комуницираат со други компании и јавни институции преку сигурни дигитални канали.
Заменик-министерот за истражување, иновации и дигитална политика на Кипар, Никодемос Дамиану, оцени дека иницијативата претставува клучен елемент од европската дигитална трансформација.
„Компаниите треба да можат да работат низ единствениот пазар исто толку лесно како што работат во својата матична земја. Европските деловни паричници ќе помогнат во намалување на административните бариери и ќе придонесат за поконкурентна и поиновативна европска економија“, изјави Дамиану.
Во усвоената позиција земјите-членки нагласуваат дека новиот систем треба да ги надополнува, а не да ги заменува постојните национални дигитални платформи за комуникација меѓу бизнисите и јавната администрација.
Советот исто така предложи построги правила за овластување на давателите на услуги на европските деловни паричници со цел да се зајакне сајбер-безбедноста и заштитата на податоците.
Со усвојувањето на заедничката позиција, Советот ја отвора вратата за преговори со Европскиот парламент. Европските лидери претходно побараа конечен политички договор за законодавството да биде постигнат до крајот на 2026 година.
Иницијативата е дел од стратегијата „Една Европа, еден пазар“, чија цел е создавање целосно интегриран дигитален единствен пазар за компаниите во Европската Унија.

