Европската комисија подготвува нов модел на проширување со кој земјите кандидати постепено би добивале дел од економските придобивки од членството во Европската Унија уште пред формално да станат членки, објави во четвртокот „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извори запознаени со разговорите.
Предлогот е дел од концептот на т.н. „постепена интеграција“, според кој земјите кандидати би биле наградувани со конкретни економски придобивки паралелно со спроведувањето на реформите потребни за членство.
Според информациите, во Брисел се разгледуваат повеќе можности, вклучително и пристап до дел од европските фондови, повластени трговски аранжмани и ограничен пристап до единствениот европски пазар. Обемот на придобивките би зависел од напредокот на секоја земја во усогласувањето со законодавството и реформските обврски на ЕУ.
Новиот модел не предвидува институционално учество во Европската Унија, туку постепено вклучување во економските придобивки што ги уживаат земјите членки.
„Политико“ наведува дека иницијативата има поширока политичка поддршка од претходните предлози, особено од Франција и Германија, кои сметаат дека ваквиот пристап може да го забрза процесот на проширување без да ги намали критериумите за членство.
Европската комисија планира во текот на есента да побара поддршка од земјите членки, а европските лидери би можеле да ја разгледуваат иницијативата на самитите на Европскиот совет во октомври или декември.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека не очекува суштински измени во постојниот пристапен процес, бидејќи тие би барале консензус од сите земји членки на Унијата.
„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус“, рече Мицкоски во интервју за Македонската радио-телевизија.
Тој додаде дека заедничкиот француско-германски предлог за постепена интеграција може да понуди дополнителни можности за земјите од Западен Балкан, но оцени дека механизмите треба да бидат прилагодени на различните позиции на земјите во пристапниот процес.
Иницијативата доаѓа во време кога во Европската Унија расте поддршката за забрзување на проширувањето, особено по руската инвазија врз Украина, додека дел од земјите членки остануваат претпазливи кон приемот на нови членки пред целосно исполнување на критериумите.
Според „Политико“, новиот модел има за цел да ги мотивира земјите кандидати, особено Украина, чие полноправно членство во Европската Унија најверојатно ќе остане долгорочен процес.
Во моментов, Европската Унија има девет официјални земји кандидати, а Црна Гора се смета за најнапредна во пристапните преговори.

