Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека е „апсурдно“ Соединетите Држави да продолжат да го носат сегашниот товар во НАТО, повторно отворајќи ја дебатата за иднината на трансатлантскиот сојуз само неколку дена пред самитот на Алијансата во Анкара, објави британскиот весник „Гардијан“.
„Тие не беа тука за нас!!!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, оценувајќи дека односите меѓу САД и НАТО „не се реципрочни“.
Американскиот претседател во повеќе наврати ги критикуваше европските сојузници поради нивниот однос кон неодамнешната воена операција против Иран, при што неколку европски држави го ограничија користењето на своите воени бази од страна на американските сили.
Трамп повторно нагласи дека Европа треба да ја преземе водечката улога во сопствената одбрана, додека Вашингтон веќе започнал да ги намалува дел од своите безбедносни обврски.
Во објавата, Трамп сподели графикон со издвојувањата за НАТО, посочувајќи дека САД инвестираат значително повеќе средства од голем број европски членки, меѓу кои Велика Британија и Франција.
Под притисок на администрацијата на Трамп, лидерите на НАТО минатата година се согласија земјите членки до 2035 година да ги зголемат издвојувањата за одбрана на пет проценти од бруто домашниот производ.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Трамп е разочаран од одбивањето на дел од сојузниците да се вклучат поактивно во операциите против Иран и најави дека ова прашање ќе биде една од главните теми на претстојниот самит.
„Ставовите на претседателот, а искрено и неговото разочарување од одредени сојузници во НАТО и нивниот одговор на нашите операции на Блискиот Исток, се добро познати. Тоа ќе мора да биде разгледано“, рече Рубио.
Самитот на НАТО, на кој ќе учествуваат претставници на 32 земји членки, ќе се одржи на 7 и 8 јули во турската престолнина Анкара.
Основана во 1949 година, Алијансата со децении претставуваше клучен столб на американската и европската безбедност, но последните изјави на Трамп повторно ги отворија прашањата за идната улога на САД во најмоќниот воен сојуз во светот.

