15.8 C
Скопје
30 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Фон дер Лајен од Тирана: Албанија е меѓу лидерите во проширувањето

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја вброи Албанија меѓу водечките земји во процесот на проширување на ЕУ, додека премиерот Еди Рама најави дека Тирана до крајот на годинава ќе почне со затворање на дополнителни преговарачки поглавја.

На заедничката прес-конференција во Тирана, Фон дер Лајен рече дека Албанија направила значителен напредок во изминатата година и дека целта за членство е сè поблиску.

„Целта е на хоризонтот. Албанија е меѓу водечките земји во нашиот процес на пристапување“, рече Фон дер Лајен.

Таа оцени дека владата во Тирана работела интензивно за европската перспектива да ја претвори во реален процес на членство.

„Напредокот е фантастичен“

Фон дер Лајен рече дека може да го спореди сегашниот напредок со состојбата од нејзината претходна посета на Албанија.

„Оттогаш Албанија повторно направи прекрасен, фантастичен напредок“, рече претседателката на Европската комисија.

Таа го посочи отворањето на преговарачките кластери и затворањето на првите поглавја како доказ дека пристапниот процес влегува во понапредна фаза.

Според неа, особено важно е целосното усогласување на Албанија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Тоа значи дека го гледаме светот со исти очи и тоа е многу важно во процесот на пристапување“, рече Фон дер Лајен.

Рама: Почнуваме со затворање поглавја

Рама рече дека Албанија сега влегува во фазата на затворање на поглавјата и дека Владата сака првите дополнителни чекори да бидат направени пред крајот на 2026 година.

„Се подготвуваме наскоро да почнеме со затворањето на поглавјата, конкретно пред крајот на оваа година“, рече Рама.

Тој додаде дека процесот ќе продолжи интензивно и во 2027 година со значителен дел од веќе отворените поглавја.

Албанскиот премиер ја истакна и важноста на Планот за раст на ЕУ, кој на земјите од Западен Балкан им овозможува постепено да добиваат дел од придобивките од членството уште пред формалниот влез во Унијата.

„Тоа е постепена интеграција, без да се чека сè да дојде на крајот од процесот“, рече Рама.

Албанија го забрзува процесот

Изјавите во Тирана дополнително го потврдуваат различното темпо со кое земјите од Западен Балкан се движат кон ЕУ.

Албанија во последниот период ги отвори преговарачките кластери и почна со затворање поглавја, а Фон дер Лајен сега јавно ја вбројува меѓу водечките кандидати.

Тирана, исто така, е меѓу земјите за кои се најавуваат посебни патокази за забрзување на пристапниот процес во наредните години.

Истовремено, Северна Македонија, која заедно со Албанија го започна процесот на пристапни преговори во 2022 година, сè уште не го има отворено првиот преговарачки кластер.

Таа разлика сега станува сè повидлива: додека Албанија зборува за затворање поглавја, Македонија сè уште е заглавена пред следната формална фаза од преговорите.

 

Related posts

Директор во Шпаркасе психички малтретирал вработена додека правела инвитро

admin

Македонскиот бизнис со медицинска марихуана под сомнение за врски со балканско криминално милје

admin

Бугарија стана дел од Шенген по 13 годшно вето од Австрија

admin

Мицкоски и коалицијата го туркаат новиот Изборен законик, Филипче се закани: „Ќе го блокираме!“

admin

Ривалството меѓу Рама и Курти се прелева на македонски терен?

admin

Семејствата на жртвите од „Пулс“ бараат побрза правда, чекањето станува неиздржливо

admin