Илијана Јотова прогласи победа во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, откако паралелното пребројување на гласовите покажа убедлива предност пред нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров.
Според податоците на агенцијата „Алфа рисрч“, објавени од бугарската телевизија bTV во 21 часот, со обработени 100 отсто од примерокот за паралелно пребројување, Јотова освоила 57,4 отсто од гласовите, додека Ѓуров добил 39,6 отсто.
Излезноста, според истата агенција, изнесувала 29,1 отсто.
„Господине Радев, без Вас немаше да успееме“
Во првото обраќање по изборите, Јотова им се заблагодари на граѓаните што излегле на гласање, како и на политичките партии и организации што ја поддржале нејзината кандидатура.
Посебна благодарност му упати на премиерот Румен Радев, кој беше присутен за време на нејзиното обраќање.
„Сакам исклучително многу да ѝ се заблагодарам на ‘Прогресивна Бугарија’. Господине Радев, без Вас немаше да успееме“, изјави Јотова.
Таа им се заблагодари и на Бугарската социјалистичка партија, Националното движење за стабилност и подем и на граѓаните што во вториот круг ја поддржале нејзината кандидатура, иако претходно гласале за други политички опции.
Јотова најави анализа на изборните резултати, вклучително и на причините поради кои голем број граѓани не учествувале на гласањето.
Ѓуров ѝ ја честитал победата
Јотова соопшти дека нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров телефонски ѝ ја честитал победата.
„Пред малку господинот Ѓуров ми се јави да ми ја честита победата и ми кажа дека ќе бидам достоен претседател кој ќе најде начин за дијалог со сите“, изјави Јотова.
Ѓуров, кој беше поддржан од прозападни реформски политички сили, ги прифати изборните резултати и повика на обединување наместо на натамошни поделби.
Јотова, пак, оцени дека нејзината кампања била насочена кон приходите на граѓаните и мирот, додека го критикуваше противкандидатот за, како што рече, нападна кампања.
„Говоревме за приходи и мир со бугарските граѓани и тие ја разбраа нашата порака“, рече таа.
Прва жена избрана за претседател на Бугарија
Со победата на вториот круг, Јотова е на пат да стане првата жена што добила директен претседателски мандат од граѓаните на Бугарија.
Таа веќе ја извршува претседателската функција од јануари 2026 година, откако Румен Радев поднесе оставка за да се вклучи во парламентарната политика.
Радев подоцна ја предводеше политичката формација „Прогресивна Бугарија“ и стана премиер.
Во претседателската трка, Јотова настапи заедно со кандидатот за потпретседател Кирил В’лчев, додека партнер на Ѓуров беше Георги Кандев.
Влчев најави дека ќе посвети посебно внимание на бугарската дијаспора, младите и европската ориентација на државата.
Ниска излезност и покрај зголеменото учество во вториот круг
Излезноста од околу 29,1 отсто покажува дека мнозинството бугарски избирачи не учествувале на гласањето.
Сепак, таа е повисока од учеството во првиот круг на 25 октомври, кога излезноста изнесуваше околу 23 отсто.
Ниското учество на граѓаните останува еден од предизвиците за бугарскиот политички систем, особено во период на чести политички кризи и спорови меѓу институциите.
Во своето обраќање, Јотова вети дека ќе ги разгледа и пораките на оние граѓани што не гласале.
Победата на Јотова ќе ја продолжи политичката соработка меѓу претседателската институција и премиерот Румен Радев, кој беше еден од нејзините најзначајни поддржувачи во изборната кампања.
Во своите јавни настапи Јотова ја нагласуваше европската припадност на Бугарија, но и потребата државата да има сопствен глас во меѓународната политика.
Таа се залага за дипломатски напори за завршување на војната во Украина и за подобрување на односите со Русија.
Претседателската функција во Бугарија има претежно претставнички карактер, но шефот на државата располага и со важни уставни надлежности, вклучително и право на вето врз законите.

