6.8 C
Скопје
22 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА СО ЕВРООБВРЗНИЦАТА

Владата издаде еврообврзница од 500 милиони евра по повисока камата, наместо пропаднатата еврообврзница од 600 милиони евра. За да ја компензира повисоката камата, зеде уште 100 милиони евра од Европската комисија по пониска камата. Сепак, треба да се обезбедат уште 500 милиони евра од странство.

Опозицијата обвинува дека одложувањето на еврообврзницата за еден месец, поради тоа што немаше кој да ја потпише, ја чинело државата 18 милиони евра. Власта пак, се фали дека и покрај доцнењето државата се задолжила според исти каматни трошоци.

Министерството за финансии на 6 март соопшти дека е издадена еврообврзница од 500 милиони евра со купонска камата од 6,96 отсто и рок на отплата од 4 години. Дополнителни 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија по каматна стапка од приближно 3 проценти. Само за еврообврзницата ќе плаќаме камата по 35 милиони евра годишно во наредните четири години, односно вкупно 140 милиони евра.

Минатиот месец владата издаде еврообврзница од 600 милиони евра на рок од четири години со купонска камата од 6,25 отсто. Сепак, процесот не можеше да се финализира затоа што министерот за правда Никола Тупанчески во меѓувреме поднесе оставка поради реконструкцијата на владата, па немаше кој да ја потпише. За распишувањето на новата еврообврзница се чекаше да заврши реконструкцијата и да се избере нов министер за правда. Сега, ќе треба се плати повисока камата.

Реакции – опозиција и експерти

Економските експерти предупредуваа дека откажувањето е несериозен потег со кој се праќа лош сигнал до инвеститорите и оти во повторниот обид Македонија ќе добие полоши кредитни услови, што ќе ја чини земјата милиони евра.

Министерството за финансии, пак, вели – и покрај повисоките камати, еврообврзница сега е помала, а дел од парите обезбедивме од Европската комисија по двојно пониска цена, па ништо не сме изгубиле.

Од друга страна, се наметнува прашањето зошто тогаш и минатиот месец не се обезбедеа поевтини пари од Европската комисија, туку се одеше на повисока еврообврзница. Македонија ќе треба да позајми уште 500 милиони евра од странство за да ја покрие буџетската дупка годинава.

Доколку, владата повторно издадеше еврообврзница од 600 милиони евра, каматата за четири години ќе беше за над 17 милиони евра повисока поради полошите услови.

Поранешниот министер за финансии Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ вели дека со непромислениот потег на владата да почне реконструкција пред да заврши процесот за еврообврзницата, направена е милионска штета.

„Јас не би ги ставал во ист кош средствата коишто се добиваат по поволни услови од Европската унија, туку зборуваме за еврообврзницата. Мислам дека плативме превисока цена за таа некоординираност меѓу владините ресори. Во блиска иднина некој ќе треба да понесе одговорност за оваа штета што и е направена на државата“, изјави тој за ТВ 24.

И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека не треба да се мешаат еврообврзницата и задолжувањето од други извори.

„Очекувано беше некој да одговара, зашто од министерот за правда побара потпис откако тој беше разрешен, со што настана оваа штета“, вели тој за Слободен печат.

Главниот инвестициски директор во Капитулум Асет Менаџмент Луц Роемајер, кој наддаваше за македонската еврообврзница и во февруари и сега, вели дека земјата мора малку да ја поврати репутацијата за да ја врати довербата на инвеститорите.

„Ви благодарам што сега ми плаќате подобро за истиот ризик за земјата“, вели тој, пренесе Блумберг адрија на македонски јазик.

Задолжувањето се прави заради враќање на стари долгови. Годинава за враќање доспеваат 600 милиони евра странски кредити, од кои најголем дел е седумгодишната еврообврзница од 450 милиони евра издадена во 2016 година.

Според буџетот за 2023 година, Македонија годинава ќе земе кредити од скоро 1,5 милијарди евра, а ќе врати стари долгови од скоро 850 милиони евра. Државата планира во странство да се задолжи за 1,1 милијарди евра.

Related posts

Приведен вдлешанец: Откако му најдоа кеш, се обидел да ги поткупи полицајците

admin

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА МОЖЕ ДА ПРЕРАСНЕ ВО ВОЈНА МЕЃУ НАТО И РУСИЈА, РЕЧЕ СТОЛТЕНБЕРГ

ninja

Фон дер Лајен: Сакаме што поскоро да ги отвориме преговорите со Скопје и Тирана

admin

КАКВА ЌЕ БИДЕ 2024 ГОДИНА?

admin

САД ја повикаа Србија да ги истражи наводите за изборни нерегуларности

admin

Пендаровски-Ескобар: САД стојат зад аспирациите за членство во ЕУ

admin