Во Република Северна Мкедонија има 66 363 пазарно-ориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности. Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, истите оствариле вкупен промет од 1.642.832 милиони денари и додадена вредност од 345.205 милиони денари. За ангажираните 443.826 вработени лица биле издвоени 175.581 милион денари, пренесува Инбокс7.
Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 39.7 %, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 26.8 %, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 8.0 %, Градежништво со 6.3% и секторот Транспорт и складирање со 5.2 %.
Секторот на преработувачката индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 26.5 %, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 22.6 %. Значително е учеството на секторите Градежништво со 8.7 %, Информации и комуникации со 8.5% и Транспорт и складирање со 7.3 % во вкупната додадена вредност.
Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90.9%), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 35.1 % од вкупно вработените, тие создале 21.7 % од вкупната додадена вредност.
Големите претпријатија со учество од само 0.2 % и со ангажирани 24.2% од вработените создаваат 31.7 % од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (13.4 %).
Сепак, според ДЗС, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 40.8 % од вработените и создадоа 46.6 % од вкупната додадена вредност во деловниот сектор.