Лица што се охрабриле да пријават корупција и натаму трпат и репутациска и финансиска штета. Случајот на режисерот Манчевски е само една потврда за тоа.
Нема нешто што досега не е кажано за корупцијата во РСМ и потребата од итно и ефикасно справување со неа. Но кога тоа ќе го повтори амбасадорот на САД, граѓаните го доживуваат како нова потврда за сојузништво кон истата цел: чистење на општеството од корупција.
„Корупцијата продолжува да биде еден, ако не и најголем предизвик со кој се соочува оваа земја“, рече амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, на ТВ Канал 5.
„Искрено, има системски проблем уште од независноста пред 31 година. Затоа не можеме да обвиниме само една Влада или институција. Тоа е одговорност на судството и на секоја Влада и да бидеме искрени кон граѓаните, корупцијата не се случува сама од себе.Тоа е производ на одлуки на поединци, на граѓани и официјални лица. Искрено се надевам на вистинска промена“, рече амбасадорката Агелер.
Еден случај, илјада поуки
За вистинска промена е потребна институционална акција, која во РСМ сѐ уште е повеќе на хартија, во разни стратегии и вербални или писмени најави, но без видлива политичка волја дека навистина ќе се спроведе. Штетата од нечинењето или од тактизирањето во битката против корупцијата е немерлива, бидејќи директна последица од тоа е одливот на социјалниот капитал на земјата (луѓето), недоаѓањето или одлив на инвестиции, и нарушен углед кој тешко се обновува.
Статистиката на ДКСК може најилустративно да го покаже тажниот сооднос меѓу доставените пријави за случаи на корупција и започнатите постапки, но не само таа. Писмото што деновиве го објави Венецискиот филмски фестивал на неговата официјална веб страница, за да изрази поддршка за македонскиот режисер Милчо Манчевски против политичкиот прогон врз него, откако тој укажал на корупција во Македонија, ја потврдува вистинитоста на изреката – „добриот глас брзо се шири, но лошиот уште побрзо“.
„Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија. Корупцијата, местењето конкурси и крадењето треба да запрат во Агенцијата за филм и во ДФРМ. Не сум единствен кој очекува дека Владата и Обвинителството доблесно ќе постапат“, изјави Манчевски.
Писмото со поддршка од реномираниот фестивал (чиј лауреат е и Манчевски, кога во 1994 година со „Пред дождот“ го освои Златниот лав) доаѓа по неколкумесечна хајка против Манчевски, откако тој укажал на корупција во владината Агенција за филм.
Имено, откако продукциската куќа на Манчевски, „Банана филм“, ја пријавила Агенцијата за филм за корупција, раководството на Агенцијата повлекла неколку потези. Ги стопирала исплатите за веќе одамна завршениот филм „Кајмак“ во продукција на „Банана филм“ и во режија на Милчо Манчевски, го стопирала и потпишувањето на преддоговорот за филмот “Биста“ („Збогум, Копакабано!“), кој добил поддршка на минатогодишниот конкурс на Агенцијата, и поднела кривична пријава против „Банана филм“ со наводи за неправилности во работата.
Репутациска и финансиска штета
На писмото од Венецискиот филмски фестивал, од Агенцијата за филм одговорија дека не станува збор за никаков прогон на автор, туку за истраги и постапки за правен субјект во сопственост на Манчевски, односно правни постапки за расчистување на финансиски злоупотреби, недоставување на финансиски извештаи и низа други индиции…
Но досега ниедна државна институција не утврдила неправилности во „Банана филм“. Во записникот од инспекцискиот надзор на Министерството за култура, (од април годинава) се вели дека кај продукцијата на Манчевски не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средствата добиени од Агенцијата.
На крајот на мај, по спроведената ревизија во Агенцијата за филм, Државниот завод за ревизија изразил „неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива“,и дал цела серија забелешки. Случајот се најде и под лупа на ДКСК.
Транспаренси интернешнл – Македонија, пак, објави нова анализа во која посочи дека покрај репутациската, се нанесува и финансиска штета на државата, но и на лица што се охрабриле да пријават незаконитост.
„Индикативен е моментот кој е избран да се постапува по однос на проектите реализирани од страна на режисерот Милчо Манчевски, затоа што упатува на можност за одмазда кон лице кое поднело пријава и побарало да се испитаат состојбите на судир на интереси. Согласно законот за спречување на корупција, никој не смее да трпи последици за пријавување на случај на коруптивно однесување. Исто така, и Кривичниот законик предвидува казнена одредба доколку не се пријави незаконито постапување за кое некој ќе дознае во рамки на своето службено постапување“, потсети ТИ-М.
„Банана филм“ тужеше, тврдејќи дека Агенцијата постапува незаконски во однос на филм кој е веќе одобрен од самата Агенција, прифатен, завршен и дистрибуиран по цел свет, но и во однос на нов проект кој ги поминал сите филтри на Агенцијата. На крајот од јули Управниот суд го прифати барањето на „Банана филм“ да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм.
„Еве, сега и судот го потврдува самоволието на филмската мафија. Се надеваме дека наскоро ќе има и соодветни казни за сторените кривични дела“, изјавија тогаш од „Банана филм“.
Се очекуваше в.д. директорот на Агенцијата за филм да даде налог за исплата на преостанатите 30% по договорот за „Кајмак“, да склучи преддоговор и да исплати 5% за развој на сценарио за „Биста“. Но, до денес Агенцијата сѐ уште не постапила според одлуката на Управниот суд. Во меѓувреме, Комисијата за заштита на конкуренција отворила постапка против Агенцијата за филм за испитување на нејзиното незаконско финансирање на здружението Друштво на филмски работници (ДФРМ). Според ДЗР, Агенцијата на здружението од 2018 до 2022 незаконски му исплатила 120.000 евра.
Гласен молк
Прашањето е – што сега? Каква е таа битка против корупцијата, ако никој не постапува по извештаите на надлежните институции и антикорупциските наоди, а ни по судските одлуки?
„Владата мора конечно да каже кој е тој – по име и презиме – што ги поддржува криминалните малверзации во македонскиот филм, вклучувајќи ја и надлежната Агенција за филм како владино тело“, пишува историчарот на уметноста Златко Теодосиевски на неговиот блог. Притоа се осврнува и на молкот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.
„А и онаа ‘госпожа’ за добро владеење ќе мора еден ден да одговори за сиот свој гласен молк кога ќе се спомне таа Агенција, Друштвото на филмски работници, целосната приватизација и клановска поделеност во македонскиот филм. И за отворената кражба и злоупотреба на огромни парични средства за лични и групни цели! Зашто, ако сите можни инспекции, Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и Управниот суд се идентични во нивните наоди за работата на таа багра залегната во македонскиот филм, зарем само оваа ‘госпожа’ – која, патем, е одлично платена за работата што не ја работи – не гледа што се случува околу неа и што препорачуваат другите државни инстанци?“, пишува Теодосиевски.
Односот на странски и домашни инвестиции во филмовите на Манчевски е 77,65% странски инвестиции (државни фондови на Велика Британија, Франција, Германија, Данска, Италија, Унгарија, Холандија, Белгија, Хрватска, Албанија, Шпанија и Бугарија, како и паневропскиот фонд Еуримаж), а 22,35% домашни (Министерство за култура, Филмски фонд или Агенција за филм) -, се наведува во анализа на ТИ-М.
Неговите филмови до денес се прикажани на повеќе од 300 фестивали, освоиле стотици награди,имале проекции во над 100 држави, а во некои земји се вклучени и во наставната програма.