Некои од законските измени ќе влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво, велат од ЕК. Изразуваат жалење за недостигот од консултации и употребата на европско знаменце.
ЕК со загриженост констатира дека некои од измените на Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста, влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво, изјави портпаролката на ЕК, Ана Писинеро, за ТВ 24.
Од ЕК изразуваат жалење поради недостатокот на сѐопфатни консултации на домашните чинители со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која велат треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ acquis.
„Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки“, вели Писинеро.
Од ЕК велат дека од клучно значење е зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидна истрага, како и гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво. Оттаму додаваат дека Комисијата ќе продолжи да го следи развојот на владеењето на правото многу внимателно, вклучително и во контекст на пристапните преговори.
Ова е прва реакција од Брисел по минатонеделните измени на Кривичниот законик, имајќи предвид дека шефот на Делегацијата на Европската Унија во РСМ, Дејвид Гир, вчера најави дека измените „се проучуваат од колегите во Брисел“ и оти е сигурен дека наскоро ќе има став за тоа прашање, исто како и за процедурата во која се донесени (по скратена постапка, со европско знаменце).
Освен ЕУ, измените во Кривичниот законик ги разгледува и правниот тим на американската амбасада во Скопје.
„Правниот тим на американската амбасада ги разгледува. Јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам. И како што кажавме во соопштението на Стејт департментот, потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава“, одговори на новинарско прашање американската амбасадорка Анџела Агелер при вчерашниот церемонијален почеток со работа за изградба на Коридорот 8.
Преку ноќ
За експертската и поширока јавност најспорени беа измените кои се однесуваа на „злоупотреба на службената положба и овластувања“ (член 353) и „злосторничкото здружување“ (член 394), со чие усвојување се намалија пропишаните казни за двете кривични дела, се воведе горна граница на максималната казна и се овозможи порано застарување на делата. Организации од граѓанскиот сектор упатуваа барања до шефот на државата да го искористи своето право и да стави вето на изгласаните измени, но Пендаровски сепак реши да го потпише Указот за прогласување на законот.
Реакциите во јавноста се однесуваа и на тоа што измените на КЗ беа донесени без широка консултација и буквално „преку ноќ“. За ова на ТВ Телма посведочи и заменик – претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Софка Пејовска Дојчиновска. Таа рече дека ДКСК од Министерството за правда добила примерок со предлог измени на КЗ, а се барало Комисијата да даде мислење за нив до 20-ти септември. Но, измените на КЗ беа усвоени експресно во парламентот на 6-ти септември и објавени во „Службен весник“ на 7-ми септември. А во примерокот испратен до ДКСК воопшто не биле содржани предлог измените за член 353 и член 394. Откако од Комисијата побарале објаснување, експресно на мејл им бил пратен текстот кои ги содржи и тие измени, но сето тоа откако парламентот веќе ги усвои измените.
Застарувања
За повеќето измени е наведено дека ќе почнат да се применуваат по шест месеци, но тоа не се однесува и на измените на делата за злоупотреба на службената положба: тие ќе почнат да важат од петок. Новите законски измени за дел од обвинетите ќе значат многу пониски казни, а за дел и крај на судските постапки. Според Коалицијата Сите за правично судење, во најмалку 14 судски процеси, ќе настапи застареност на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Речиси сите судски случаи се предмети кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а во кои се опфатени над 80 лица. Станува збор за „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Тендери“, „Титаник 2“, „Траекторија“, „Шпански скали“, предметот за градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Списокот може да биде и подолг, бидејќи во евиденцијата не се земени предвид истрагите кои се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Меѓу лицата кои ќе ги почувствуваат благодетите од минатонеделни измени на Кривичниот законик, се и три лица од тн. црна листа на САД: Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.