25.8 C
Скопје
21 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Груби: Државата нема платено пенали на „Бехтел и Енка“

Реализацијата на договорот и вработувањата за изградба на коридорите доведоа до нова расправа во Собранието. Опозицијата бара одговор од Артан Груби зошто се однесува како менаџер на „Бехтел и Енка“

Вицепремиерот и координатор за изградбата на коридорите 8 и 10д, Артан Груби, од собраниска говорница денеска порача дека државата нема платено ниту еден пенал на конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тој е дециден дека овие податоци се јавни и ги има во ресорните министерства и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Одговор на ова прашање побара пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која праша „од каде му е правото на првиот вицепремиер Артан Груби да се однесува како менаџер на приватната фирма „Бехтел и Енка“ и да повикува на вработување“.

Груби ѝ одговори дека нема никаква разлика од неговиот повик за вработување со повиците на експремиерот Никола Груевски и поранешните министри за вработувањата во економските зони.

„Се сеќавам во минатото, ако не се лажам во три влади што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, при секоја странска инвестиција, тогашниот премиер, министер за финансии или кој било друг велеше дека се отвараат 1.000 нови работни места и ги повикуваше граѓаните да се вработуваат во тие компании. Ништо не е различно со овој проект, којшто го финансира државата и овозможува над 2.000 работни места за граѓаните“, рече Груби.

Тој побара и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ да ги повикаат граѓаните да конкурираат на работните места кои ги бара конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопатски делници во земјата.

„Зборувате како чипирани“ 

Груби е дециден дека веста за плаќање пенали е лажна и им порача на опозициските пратеници дека зборуваат како „чипирани“, бидејќи секоја теза им е наметната од партијата.

„Професорке многу ми е жал, вие не сте член на партија и може не ги знаете ставовите на партијата која ве кандидирала за претседател на државата. Сега дознав дека не сте членка на ВМРО-ДПМНЕ, исто како Данела која ја кандидиравте за градоначалничка. Очигледно не сте знаеле што правела ВМРО-ДПМНЕ 11 години со кампањите и очекувам да ми се извините“, рече Груби.

Кој е партиски послушник? 

Пратеничката Давкова му одговори на Груби дека токму тој бил во владите и коалициите со Груевски, а не таа. Притоа му порача дека треба да го брани општото добро, а не како да е вработен во „Бехтел и Енка“.

„Не кажувајте кој е партиски послушник. Вие велевте „тој доаѓа“, „тој е тука“. Вие сте прв заменик премиер за политички систем. Па каква врска има политички систем со инфраструктура. Вие треба да браните општо добро, да повикувате на јавен ангажман на најдобрите во администрација, на мерит систем, а не за вработувања во „Бехтел и Енка“. Ако им помагате, излегувате од политичката рамка и станувате сомнителен“, рече Силјановска Давкова. /DW

Related posts

ПЕНДАРОВСКИ МУ ВОЗВРАТИ НА МИЛКОВ: ДАЈТЕ ДОКАЗИ!

ninja

Министерствата штедат струја со темни ходници

ninja

Гардијан: Ердоган се соочува со реални шанси да загуби додека Турција се подготвува да гласа

admin

Нападите на Хезболах може да бидат полоши од Хамас

admin

Аеродромите во Белград и Скопје „дувло за недозволени активности“

admin

Маратонска седница за разрешување на министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу

admin