25.8 C
Скопје
21 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Амнестија и амнезија: Зошто нема нов објект во Идризово?

пред 22 ч.Со години се ламентира за лошите затворски услови, а никако да почне ветената изградба на ново притворско и затворено одделение во таа казнено-поправна установа.

Министерот за правда ќе покаже фотографии од состојбите во казнено-поправните установи, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе достави голем број амандмани со кој ќе го блокира Предлог на закон за амнестија, кој е на дневен ред во Собранието, предложен по скратена постапка.

Со години се говори за лошите состојби во казнено-поправните установи – од една страна се супстандардните и понижувачки услови, од друга страна – пренатрупаноста поради која осуденици спијат на подови и во ходници, каква што е најчесто сликата од КПУ Идризово.

Народниот правобранител и во последниот извештај со разочарување констатира дека состојбата во неколку крила на Идризово е „многу лоша и слободно може да се подведе под нечовечка и понижувачка“.

„И не само што не се преземени никакви мерки за подобрување на претходно констатираните состојби и јасно дадените препораки, туку напротив – состојбата во овие делови е дополнително влошена“, се наведува во Извештајот.

Парцијалните реконструкции донеле одредени резултати само во отвореното и полуотвореното одделение, но не и таму каде што има најголем број осуденици – во затвореното одделение. Таму сѐ уште не се започнати никакви активности, иако според програмата на Владата за подобрување на условите во затворите, во КПУ Идризово е предвидена изградба на сосема нов објект, каде што ќе биде сместен и затворениот дел.

Кратење наместо градење

Но, многу најавувани проекти досега останале без реализација. Таков е проектот за реконструкција на трафостаници и пумпна станица во КПУ Идризово, потоа изградба на одвод за атмосферска вода до реката Вардар и најзначајниот меѓу нив – Изградба на објекти во Централна сервисна единица, Притворското одделение и Затвореното одделение, со проценета вредност од 1.979.134.846 денари (32.181.054 евра), повеќегодишен проект што требало да отпочне да се реализира во кризната 2022 година.

Но, како што покажуваат истражувањата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Здружението на даночни советници и Центарот за активни граѓани „Активо“, во врска со последиците од зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година врз области кои влијаат врз животот на граѓаните, големо кратење на средствата е евидентирано и во реформите на казнено-поправните установи.

„Ова е значајно да се нагласи, имајќи предвид дека еден од големите проблеми во остварувањето на фундаменталните права во Република Северна Македонија се правата на лицата што престојуваат во казнено-поправните установи, на што укажуваат Народниот правобранител, релевантните невладини организации во земјата, како и извештаите на Стејт департментот на САД и Советот на Европа“, се наведува во истражувањето.

Во Буџетот на РСМ за 2022 година, потпрограмата Реформи на казнено-поправните установи била проектирана на 283.801.000 денари (4,6 милиони евра). Со ребаланс на Буџетот, средствата за оваа потпрограма биле намалени за 51,11 % и биле проектирани на 2,2 милиони евра. Дополнително кратење од 13,42 % било направено со одлуки за прераспределба на средства, па тие биле сведени на 1,9 милиони евра. На крајот, биле реализирани само 6,50 % од проектираните, односно само 127 илјади евра.

Според народниот правобранител, една од забелешките на Советот на Европа во однос на отвореното и полуотвореното одделение (кои се реновирани и со кредит од Банката за развој при Советот на Европа), е дека тие не се компатибилни со бараните стандарди во неколку сегменти (сместување, хигиенски услови и др.). Поради тоа бараат најпрвин да се поправат тие состојби и да се усогласат со бараните стандарди, за потоа да ја одобрат втората транша за изградба на другиот дел.

Полесни или и други дела?

Во недостиг на такви активности, „решавањето“ на проблемите најчесто оди по една линија – да се растоварат затворите преку закони за амнестија, какви што од 1991 година до денес имало 8.

„Ако државата нема можност да ги рехабилитира лицата со помали тешки дела, тогаш тие ќе треба да се вратат дома како насилници или како криминалци“, порачуваше министерот за правда Кренар Лога.

Таа аргументација изгуби сила пред податокот дека 30% од лицата опфатени со Законот за амнестија во 2018 година, како повторувачи на кривични дела сега пак се во затвор.

Според министерот за правда, важна е и потребата од јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица, а дополнително, со ослободување на лицата осудени со помали казни, ќе се спречи и криминална инфекција на оваа категорија лица.

Но, и СДСМ најави амандмани, откако се увиде дека предлог законот за амнестија ќе ги опфати и осудените од предметот „Монструм“. Имено, меѓу посочените дела кои не подлежат на амнестија, го немаше кривичното дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, за кое Хаки Азири е осуден на казна затвор од 9, а Фејзи Азири на 15 години затвор, па сега и двајцата имаат можност за милост од државата. Овој случај го стави под сомнеж наративот дека амнестијата доминантно ќе се однесува на осудени лица, условно речено, за „полесни дела“.

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, закони се пишуваат во партиските штабови од интерес или математики во пресрет на изборите. Според него, законот за амнестија е ветување на власта за ослободување на некои лица пред изборите.

„Ќе прашам каква врска има тоа со условите во затворите, дали во законот за амнестија има дел што опфаќа ресоцијализација, дали ќе има намалување на агресија, криминал, дали можеби Лога ќе им обезбеди работа и егзистенција за да не се вратат во затворот? Не. Станува збор за апсолутно популистичка мерка, она што им било наводно ветувано пред изборите во однос на ослободување во извесни случаи и да можат сега да го реализираат на овој начин“ посочи Стоилковски на ТВ 24.

Словото на предлогот

Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната, а осудените со казна затвор над шест месеци да се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна. Амнестијата не се однесува на лица кои се осудени на доживотен затвор, за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за „Несовесно работење во службата“, за кривични дела против јавниот ред и при вршење семејно насилство и родово – базирано насилство. Од државата нема да добијат милост ни осудените за разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари и други приноси од казниво дело, примање и давање поткуп и давање и примање награда за противзаконито влијание.

Извор: ДВ

Related posts

ГЕРМАНСКО-ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ, НАВОДНО, ГАРАНТИРА ЕДНАКВИ ПРАВА НА СРБИЈА И НА КОСОВО

ninja

Во Кавадарци се одбележи четири годишнината од членството во НАТО

admin

Таксистите во 2022 превезувале над 13 милиони патници

admin

НАТО СО ОДГОВОР КОН РУСИЈА: ЌЕ ПЛАТИТЕ ВИСОКА ПОЛИТИЧКА И ЕКОНОМСКА ЦЕНА

admin

КОЛКУ МНОГУ АГЕНТИ

ninja

Кои се јеменските Хути и зошто се нападнати?

admin