Повеќе од половина деценија трае борбата за правда на новинарите кои известуваа од Собранието за време на „крвавиот четврток“ – настанот кој ја разниша македонската демократија и ѝ нанесе директен удар на слободата на изразување.
Упадот во Собранието на 27-ми април 2017 година, ги стави во опасност сите медиумски работници кои од таму ја информираа јавноста за изборот на Талат Џафери за собраниски спикер.
Пишува: Вања Мицевска
Досега само Уставниот суд за дел од нив утврди дека им било повредено правото на слободно изразување, откако ја изгубија битката пред Граѓанскиот, но и пред Апелациониот суд.
Повреда на слободата на изразување на новинарката, Душица Мрѓа – констатираше Уставниот суд
Последната одлука на Уставен беше донесена во средата кога Судот утврди повреда на слободата на изразување на мислата на новинарката, Душица Мрѓа. Претходно, ваква одлука Уставниот суд донесе и за новинарот Влатко Стојановски, кој бараше да се утврдат повреди на слободите и правата што се загарантирани со Устав, а кои според него биле направени со пресудите на Основниот граѓански суд и на скопска Апелација.
Уставниот суд утврди дека Граѓанскиот и Апелациониот суд, не направиле разлика во кое својство била присутна новинарката Душица Мрѓа во Собранието за време на настаните од 27 април 2017 година. Судот оцени дека таа во Собранието била присутна како новинар и требало да информира за изборот на претседател, но била оневозможена во тоа.
Според Судот, државата е должна да обезбеди услови на новинарите да можат слободно да известуваат.
„Според Уставниот суд слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето ја опфаќа слободата на јавното информирање и примање, пренесување на информации, што претставува една од основите на демократското општество, бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество“, истакна портпаролката на Судот, Христина Беловска.
Таа додаде дека ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес, без граничувања со цел информирање на јавноста.
Мрѓа: Отсуството на заштита од државата испрати јасна порака до сите
А што за новинарите значи ваквата одлука на уставните судии и како понатаму ќе се одвива правната битка? ММС разговараше со новинарите Мрѓа и Стојановски за кои ова е „ветер во грб“ да дојдат до правда, па макар и ако треба да ја бараат пред Судот во Стразбур.
„Уставните судии им удрија шлаканица на нивните колеги во Основниот суд 2 и Апелација. Она што не го видоа поранешната судијка во Граѓанскиот суд и актуелна членка на Судскиот совет, Антоанета Димовска и судечкиот совет во Апелација, го видоа судиите во Уставен суд“, вели во изјава за ММС, новинарката Мрѓа.
Според неа, потврдата на уставните судии дека во 2017-та ѝ било прекршено правото на изразување, а државата не ја заштитила да ја извршува нејзината работа и да ги информира граѓаните, испраќа јасна порака за сите во оваа држава.
„Кога велам сите, мислам и на судиите и на политичарите и на сите оние кои се колнеа дека ќе има правда за 27-ми април, меѓутоа правдата изостана“, додава Мрѓа која беше и физички повредена додека беше на редовна работна задача во собраниската зграда.
„Единствено што жалам, е што кај самите судии сѐ уште има несогласувања и дилеми околу фактот дали Судот има право и може да поништи пресуда за која тие констатирале дека не ја согледале фактичката состојба. Токму за тоа беше и најголемата дебата во Уставниот суд и за која судиите имаа издвоено мислење. Сепак судиите останаа неусогласени и сѐ уште имаат дилема околу тоа дали оваа можност Судот ја има или ја нема“, посочува новинарката.
Децидна е дека ниту заборава ниту простува, а уште помалку се откажува.
„Правда за новинарите кои го ризикувавме сопствениот живот за да ја спасиме државата мора да има за оваа држава да биде држава. Битката продолжува“, порачува Мрѓа.
Со одлуката од последната седница, уставните судии вели таа, им кажаа на нивните колеги од редовните судови дека не ја согледале фактичката состојба. Имено, потврдата дека таа била во Собранието за да ја работи својата работа е само аргумент плус, да бара повторување на постапката во Граѓанскиот суд.
-Прво, искрено се надевам дека барањето за повторена постапка ќе биде прифатено од Граѓанскиот суд и овој пат реално ќе се согледаат работите. Односно дека главните аргументи нема да бидат дека по 27-ми април јас сум можела да си ги кажувам ставовите во моите емисии и затоа не ми било загрозено правото на изразување на „крвавиот четврток“. Според плановите, повторно нѐ очекува постапка во Граѓанскиот суд, а потоа ако повторно судиите останат слепи на вистината, крајната инстанца ќе биде Стразбур – порачува Мрѓа.
Позитивна разрешница, или правдата ќе се бара пред Судот во Стразбур – порачува новинарот Стојановски
Упадот во Собранието многумина го оценија како кулминација на двегодишната политичка криза, а присетувајќи се на попладнето кога тој се случи, новинарот Влатко Стојановски вели дека сите биле во состојба на „грч“.
„Внатре сите имаа чувство на страв и несигурност, на небезбедност. Јас, а и другите колеги бевме сведоци на физички напади, на насилен упад во Собранието. Таков хаос беше тогаш што секој се снаоѓаше на свој начин. На крај кога се расчисти ситуацијата, новинари доаѓаа од сите страни, не беа сите новинари на едно место. Сѐ зависеше од развојот на настаните и кој каде се нашол. Секој заврши на различна страна“, раскажува Стојановски.
Во најкритичните моменти, тој не бил со колегите, туку со неколку пратеници и со еден вработен во собраниската служба засолнети во неговиот кабинет.
„Во тој момент имаше обиди да се отвори вратата, па стравувања дека ако се направи упад, може да дојде до покрупен инцидент. Имаше насилни протести надвор од Собранието додека се слушаа истрели. Ние добивавме телефонски информации дека е убиен пратеник, но се испостави дека е тешко повреден. Ние немавме начин да ги провериме тие информации“, додава Стојановски.
Лани во јануари, Уставниот суд оцени дека тој бил оневозможен во вршењето на својата работа.
„Јас таму бев присутен таму како новинар, а не како граѓанин. Значи, во делокругот на работа на секој новинар е да прима информации и да ги дистрибуира, да ја информира јавноста особено кога се работи за настани од врвен јавен интерес како што тогаш беше изборот на нов спикер на Парламентот“, истакнува Стојановски.
Врз основа на ваквата констатација, тој поднел и барање за повторување на постапката.
„Тоа барање од првостепениот Граѓански суд е усвоено и сега се чека да се произнесе државата како ќе постапи. Во мојот случај, според новинарската заедница, проблематична беше и позицијата на Државното правобранителство бидејќи државата преку Правобранителството ги спореше аргументите во нашата тужба. Врз основа на тоа, таква одлука донесе Граѓанскиот суд, а после беше потврдена на Апелација и стана правосилна“, истакнува Стојановски.
Наспроти аргументите на Правобранителството дека новинарите немало „што да бараат“ во Собранието и не биле доведени во опасност, Стојановски вели дека секој новинар мора да биде безбеден за да ја информира јавноста за прашањата од јавен интерес.
„Државата тогаш преку МВР не интервенираше соодветно и не обезбеди услови сите да бидат внатре безбедни. Автоматски, немаше услов за новинарите да си ја вршат својата работа и тие беа оневозможени да ја известуваат јавноста за тоа што се случува внатре“, оценува новинарот.
За тогашната ситуација во Парламентот, вели дека била стравична и непредвидлива, а забележува и за како што вели, задоцнетата реакција на полицијата.
„Полицијата во прв момент воопшто не интервенираше, а тоа подоцна се гледаше и на снимките. Најголем дел од полицајците беа на иста линија со тие што упаднаа, а не на позиција да ја заштитат институцијата. Со самото тоа оневозможија новинарите да си ја вршат работата. Затоа беше неизвесно во смисла дали и кога полицијата ќе интервенира. После извесно време интервенираше и дојде до одредено олеснување меѓутоа до последен момент беше неизвесно. Самата евакуација беше драматична, аоа се случуваше од страна на униформирани специјалци“, додава Стојановски.
Тој потенцира дека луѓе кои не биле таму не треба таквиот упад да го потценуваат и релативизираат, зашто посебно бесмислено е кога тоа го прави судот.
„Судот одлучува дека тоа не било толку страшно, дека немало проблем во однос на новинарите бидејќи државата си ја завршила својата работа со тоа што обвинила и осудила лица кои учествувале во упадот и го дозволиле. Сега фактички нас нѐ упатуваат да ја бараме правдата од тие лица, а од кого да ја бараме, од тие што директно упаднаа“, прашува Стојановски.
Тој нагласува дека со неговите колеги правдата ќе ја бараат од државата, чии институции требало да интервенираат во согласност со законските надлежности.
Одлуката на Уставен, според Стојановски, остава простор не само Правобранителството, туку и пониските судови да постапат поинаку. Во спротивно, новинарите ќе бараат правда надвор од домашното правосудство.
„Овде мора да имаме завршеток бидејќи тоа е предуслов да се обратиме до Стразбур. Мора да ги исцрпиме институционалните инстанци дома. Доколку имаме ист епилог, си стои намерата да се обратиме до Стразбур и тоа ќе го направиме ако има негативна разрешница. Но сега, освен што одлуката на Уставен дава морална сатисфакција, остава простор надлежните да постапат поинаку“, заклучува Стојановски.
За настаните во Собранието, државата ја тужеа најмалку 15 новинари. Нивните тужбени барања содржат различни факти и аргументи, но сите се едногласни дека токму нивното известување придонело да нема уште потешки последици.
Насилните настани се случија откако приврзаниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кои протестираа пред Собранието, влегоа внатре во самата зграда. Меѓу стотината повредени освен пратеници и полицајци, имаше и претставници на медиумите.