23.8 C
Скопје
15 јуни, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Анализа на ДВ: Што постигна, а што не Европскиот парламент од 2019 година?

Европските парламентарци се соочени со големи политички предизвици од изборите во 2019 година. ДВ анализира каде Европскиот парламент остави белег во последните години, а каде не.

ДВ анализира каде Европскиот парламент остави белег во последните години, а каде не.

Прво, дефинитивното излегување на Велика Британија од ЕУ, потоа пандемијата на Ковид, потоа војната на Русија во Украина – европските парламентарци се соочени со големи политички предизвици од изборите во 2019 година. Затоа лесно се заборава уште кои други теми беа на дневен ред.

Зелен договор: Каква е состојбата со климатските ветувања?

Во 2019 година, Европската комисија – извршното тело на ЕУ – претстави план за намалување на емисиите на стакленички гасови во ЕУ за 55 проценти до 2030 година во споредба со 1990 година, со цел да има неутрални емисии до 2050 година. Со ова таа одговори на притисокот на младите климатски активисти и на  т.н „зелен бран“.  На изборите пред пет години, голем број претставници на Зелените освоија места во Европскиот парламент – како никогаш досега.

Оттогаш, Европскиот парламент е вклучен во преговорите за бројни закони, кои треба да ги исполнат ветувањата од Зелениот договор (Green Deal). Тие вклучуваат планови за  забрана на автомобили со мотори со внатрешно согорување  во следната деценија и данок на одредени увезени производи со висок јаглероден отпечаток, чија цел е тоа да го плаќаат загадувачите.

„Европскиот парламент се покажа како искусен законодавец во областа на политиката за животна средина“, вели Пеги Корлин, раководителка на канцеларијата на Фондацијата Роберт Шуман во Брисел.

Сепак, анкетите спроведени деновиве укажуваат дека ситуацијата за Зелените може да се сврти негативно. Поради протестите низ ЕУ, Брисел олабави некои правила за еколошки обработливо земјиште оваа година, со цел да ги растовари земјоделците.

Во февруари со тесно мнозинство беа усвоени правилата за обновување на уништената природа. Најголемата пратеничка група на умерена десница ја повлече својата поддршка поради загриженоста за безбедноста на храната. Во текот на преговорите текстот на законот беше значително ослабен. Климатските активисти го критикуваа дека ги разводнува претходните климатски ветувања.

ЕУ ги усвои првите регулативи за вештачка интелигенција и технолошките гиганти

Од 2019 година, ЕУ усвои низа закони со кои се ограничува моќта на големите технолошки компании. Минатата година стапи на сила нова регулатива, која бара онлајн платформите активно да дејствуваат против штетните содржини.

ЕУ веќе неколку пати ги искористи своите нови дигитални овластувања и вршеше проверка на социјалните мрежи. Поради притисок од ЕУ, делови од контроверзниот систем на награди се суспендирани во апликација на ТикТок (TikTok Lite).

Андреа Ренда, директор за истражување во Центарот за европски политички студии во Брисел, за ДВ вели дека и претставниците на Европската унија „суштински“ учествувале во зајакнувањето на  првите закони за регулирање на вештачката интелигенција.  Сепак, тој предупредува дека ЕУ сега има „голем проблем со спроведувањето“, бидејќи секоја законска одредба има различни процедури.

Миграцијата во ЕУ: и покрај напредокот, сè уште контроверзна

Долго време една од најконтроверзните теми во ЕУ е политиката за миграција и азил. На почетокот на април, по повеќедецениски дискусии, Европскиот парламент конечно ја даде својата конечна согласност за  реформата за азилот. Многу национални влади тоа го нарекоа успешна приказна.

Според новите правила, земјите-членки на ЕУ мора да примат соодветен дел од  мигрантите кои пристигнуваат на бреговите на ЕУ –  или да платат компензација на другите земји што ги примаат. За да се забрза  присилното враќање на барателите на азил,  барањата за азил ќе се оценуваат и врз основа на тоа од каде доаѓа барателот, односно колку е веројатно неговото барање да биде одобрено. Организациите за човекови права ги критикуваат новите правила.

„Од гледна точка на законодавецот, и земајќи го предвид сето она што му претходело, резултатот може да се смета за успешен“, вели Хелена Хан, аналитичар за миграциски прашања во бриселскиот тинк-тенк Центар за европски политики. А сепак, додава тaa, резултатот разочара многу влади.

„Причината зошто претставниците конечно кажаа ‘Да!’ е сознанието дека секогаш е подобро да се има договор отколку да нема. Доколку реформите не беа усвоени, тоа веројатно би довело до чекор назад на изборите“, објаснува таа. „Партиите од центарот и левиот спектар не би сакале да ги сносат последиците.”

Шпиони од земји кои не се членки на ЕУ?

Серијата скандали за наводните обиди за мешање на земји кои не се членки на ЕУ продолжува да фрла сенка врз парламентот. Во 2022 година, белгиското државно обвинителство започна истрага за наводен систем на влијание врз претставници преку готовински плаќања. Случајот стана познат како „Катаргејт“ – иако Катар негираше каква било вмешаност.

Во април оваа година, брзо се појавија извештаи за наводна руска пропагандна кампања, пред оваа недела соработник на германскиот претставник на ЕУ да биде уапсен под сомнение дека шпионирал за Кина.

„Се прашувам што ќе се случи следно“, изјави за ДВ претставникот на германската Социјалдемократска партија во ЕУ, Габриеле Бишоф, додавајќи: „Навистина е важно да ја направиме нашата демократија поотпорна на странско мешање“.

Парламентот минатата година веќе ја зајакна заштитата на свиркачите и ги заостри правилата за транспарентност за претставниците на Европскиот парламент.

Политика на ЕУ: поддршка на Украина, казнување на Русија

Европскиот парламент не може сам да донесува закони. Наместо тоа, тој е ограничен и е упатен на преговори за предлозите на Европската комисија со земјите-членки на ЕУ. Сепак, често ја користи својата „мека моќ“ – со донесување правно необврзувачки резолуции со цел да изврши притисок врз другите институции на Европската унија.

Европскиот претставник на политичкиот центар Били Келехер од Ирска вели дека тоа влијание парламентарците го искористиле во контекст на руската војна во Украина. Тие вршеа притисок врз националните влади да ја намалат зависноста од рускиот гас и да ја зголемат  поддршката за Украина.

„Парламентот беше меѓу првите кои инсистираа на проширена листа на  санкции против Русија  за да се намали нејзината способност да ја финансира војната во Украина“, изјави Келехер за ДВ. Тој е еден од многуте претставници кои ја посетиле Украина од февруари 2022 година.

И конечно, Европскиот парламент има малку директни надворешнополитички овластувања, бидејќи одлуките ги носат владите на земјите-членки на ЕУ. Пратениците постојано бараат поголемо влијание. Нивниот аргумент е дека, сепак, се директно избрани во Европскиот парламент од граѓаните.

Но, тоа не е приоритет за сите европски политичари. „Мораме да ги почитуваме одлуките на националните влади, бидејќи тие се вистинските претставници на народот“, рече европскиот претставник Никола Прокачини, претседател на десно националниот клуб на претставници на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР). Како и партиите со умерена десна ориентација, па сѐ до крајната десница, така и партијата на Прокачини веројатно ќе добие повеќе гласови на изборите за ЕУ ​​во јуни годинава, на штета на партиите од политичкиот центар и левицата.

Related posts

Германија вети нова голема воена помош за Киев

admin

Уште едена “бомба” на Коп, владата се брани

admin

ЕП: ОД 2035 НЕМА ВЕЌЕ АВТОМОБИЛИ НА ДИЗЕЛ И БЕНЗИН

ninja

„ОГНЕНИТЕ“ ЈА ДОБИЈА БИТКАТА, ДАЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ И ВОЈНАТА?

admin

Албанија инсталираше „софистицирана“ мрежа на камери долж границата со Косово

admin

Муслиу: С.Македонија не може да функсионира со влада без победничката партија кај Албанците

admin