Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Вашингтон се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио. Разговорите биле фокусирани на економската соработка и одбранбените трошоци на земјите членки на НАТО.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, соопшти дека Рубио повторил повикот до сојузниците да издвојуваат до 5% од бруто-домашниот производ (БДП) за одбрана. Според неа, средбата истакнала „цврстите билатерални односи“ и заедничките интереси во однос на регионалната стабилност, економскиот развој и соработката во НАТО.
„Секретарот ја нагласи потребата НАТО-сојузниците да инвестираат сериозно во одбраната. Разговорот опфати и можности за проширување на трговијата и инвестициите,“ се наведува во соопштението.
Муцунски, во објава на Фејсбук, истакна дека Македонија останува активен и кредибилен партнер во Алијансата, со тековни вложувања над 2% од БДП во одбранбениот сектор.
Од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека се дискутирало и за олеснување на трговијата. „Разгледани беа можности за намалување на тарифите и почеток на процес за договор за слободна трговија,“ соопшти МНР.
Средбата се одржа во период кога САД воведоа реципрочни тарифи кон повеќе држави, меѓу кои и Северна Македонија, со стапка од 33%.
Муцунски ја истакнал отвореноста на Владата кон привлекување американски инвестиции и зголемено присуство на американски компании.
Посетата се совпаѓа со 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, по повод Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО. Договорот од 1995 година стави крај на војната во Босна и Херцеговина.
.