Долгогодишната изложеност на високи концентрации на аерозагадување го поткопува имунолошкиот систем на жителите на Скопје и е меѓу доминантните причини за зголемениот број случаи на рак, изјави професорот Драган Ѓорѓев за Радио Слободна Европа.
Тој предупреди дека бројките на заболени од рак на бели дробови и други видови карциноми во Северна Македонија се двојно поголеми од светскиот просек и дека еколошките фактори играат клучна улога.
„Скопје е град кој со децении е под силен притисок на аерозагадување. Имунолошкиот систем на граѓаните постојано е нападнат и тоа се одразува врз здравствените исходи,“ рече Ѓорѓев.
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје се наведува дека во главниот град има околу 300 нови случаи на рак на белите дробови годишно, а на државно ниво белодробниот карцином предизвикува смрт кај речиси 800 лица годишно. Вкупно, Македонија регистрира над 7.200 нови случаи на рак годишно – речиси двојно повеќе од глобалниот просек.
Ѓорѓев истакна дека загадениот воздух содржи честички, тешки метали и токсични гасови кои можат да предизвикаат хронични болести, оштетување на органи и канцери. „Оловото, арсенот и кадмиумот се крвни отрови кои влијаат врз бубрезите, крвниот систем и мозокот. Кај децата може да се појават аномалии, а студии покажуваат и поврзаност со аутизам,“ додаде тој.
Според него, загадувањето е одговорно за околу 20% од вкупната смртност во Скопје, при што најчести последици се срцеви заболувања, мозочни удари и рак на белите дробови.
Ѓорѓев оцени дека институциите со години ги игнорираат предупредувањата на експертите и покрај јасните податоци за изгубени животи, скратен животен век и економски загуби. „Кај нас, и бројките и човечките трагедии не беа доволни за политичарите да преземат сериозни мерки,“ рече тој.
Тој додаде дека иако има одредено намалување на загадувањето во последните години, тоа се должи повеќе на природни фактори отколку на координирани институционални акции.

