Пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ во вторникот разменија остри оценки поради бојкотот на лидерската средба, иницирана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која не присуствуваше СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, изјави дека одлуката на СДСМ да не учествува на средбата претставува „типично бегање од одговорност“, оценувајќи дека опозицијата избегнува соочување со аргументи и факти.
„Кога немате решение, легитимитет или кредибилитет, нормално е да се бара начин да се избегне дијалогот. Тоа е погрешна стратегија“, рече Јаревски во телевизиско гостување, додавајќи дека Владата оставила отворен простор за дискусија по сите прашања, без однапред утврден дневен ред.
Според него, сите парламентарни партии биле поканети на средбата и ваквите формати можат да донесат „само позитивен исход“, доколку се пристапи инклузивно и одговорно.
Сличен став изнесе и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, кој во телевизиска емисија оцени дека местото на лидерот на СДСМ било на лидерската средба.
„Потребна ѝ е конструктивна опозиција на државата. Ако СДС е сериозна партија, не треба да си дозволи ваков деструктивен пристап“, изјави Ристески, додавајќи дека дијалогот меѓу политичките лидери треба да продолжи и во иднина.
Од друга страна, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, ја обвини Владата дека води антиамериканска и анти-ЕУ политика, која, според него, ја турка земјата кон изолација.
„Паралелно со антиамерикански активности, Владата на Мицкоски води и анти-ЕУ кампања, отвора затворени прашања со соседите и не спроведува реформи“, рече Фрчкоски на прес-конференција.
Тој предупреди дека односите со САД се нарушени, наведувајќи ја одлуката за суспендирање на обработката на визи за граѓани на Северна Македонија, и оцени дека ваквите политики може да доведат до санкции.
„Наши стратешки партнери се САД, а местото на Северна Македонија е во НАТО и Европската унија“, додаде Фрчкоски.

