Партнерите во коалицијата ВРЕДИ најавуваат чекори кон трансформирање на сојузот во единствен политички субјект, откако Движењето Беса донесе одлука за разрешување на своето централно раководство како дел од процесот на обединување.
Претседателот на Демократското движење (ЛД) и еден од лидерите во ВРЕДИ, Изет Меџити, го поздрави потегот, оценувајќи дека тој претставува почеток на формалното спојување на коалицијата во една партија.
„ВРЕДИ како еден субјект е заедничка цел. Чекорот што го презеде Беса и господинот Билал Касами го поздравувам и верувам дека наскоро ќе го следат и другите субјекти во рамки на ВРЕДИ, бидејќи тоа е во интерес на политичкото организирање на Албанците“, изјави Меџити.
Одлуката за разрешување на централното претседателство на Движењето Беса беше донесена со мнозинство гласови на Централниот совет, соопшти лидерот на партијата Билал Касами. Тој е овластен да ги води преговорите за спојување на ВРЕДИ во единствен политички субјект.
„Централниот совет со мнозинство гласови ја одобри одлуката за разрешување на централното претседателство во рамки на започнатиот процес за обединување на ВРЕДИ во еден субјект“, рече Касами.
Во рамки на коалицијата продолжуваат разговорите за идниот модел на раководење. Според Меџити, на маса се повеќе опции, вклучително и модел со двајца копретседатели или ротирачки претседател.
„Идејата за копретседатели е една од креативните идеи кои можеби не се карактеристични, но се присутни во демократскиот свет. Се разгледуваат и други модели, со аргументи ‘за’ и ‘против’“, додаде тој.
Во меѓувреме, Алијансата за Албанците во рамки на ВРЕДИ, предводена од Арбен Фетаи, иако сè уште не е формално регистрирана како посебен политички субјект, инсистира одговорностите во коалицијата да се распределат пропорционално, по 25%, како што било практикувано и при распределбата на функциите.
Процесот на обединување на ВРЕДИ се одвива во пресрет на очекуваните политички активности на албанскиот политички блок во земјата.

