Рускиот шаховски велемајстор и политички активист Гари Каспаров се најде на меѓународната листа на барани лица на Кремљ, откако предупреди дека Русија би можела да се обиде со ограничен напад врз балтичките држави и НАТО.
Каспаров, кој со години живее во егзил и е еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин, се соочува со обвиненија во отсуство за „оправдување тероризам“, што тој ги оценува како политички мотивирани.
Според Каспаров, Путин се наоѓа во „ќорсокак“ во војната во Украина и би можел да бара симболична победа против НАТО за да ја компензира ситуацијата на фронтот.
Тој предупреди дека можни цели би можеле да бидат Нарва во Естонија и Даугавпилс во Латвија, градови со значително рускојазично население и блиску до руската граница.
„На диктатор како Путин му треба успех. Може да се обиде да заземе дури и пет квадратни километри територија за да покаже дека Русија победува“, изјавил Каспаров.
Тој предупредил дека во случај на напад врз Нарва, британските сили стационирани во Естонија би можеле веднаш да влезат во борба без да чекаат формална одлука од НАТО и активирање на членот 5 од Алијансата.
„Естонците јасно кажуваат дека британскиот контингент би се борел заедно со нивните сили без да чека инструкции од Брисел“, навел Каспаров.
Во Естонија моментално се распоредени околу 900 британски војници во рамки на операцијата „Кабрит“, дел од засиленото присуство на НАТО на источниот фронт.
Во текстот се наведува и дека рускиот воен Телеграм-канал „Волја“ тврди оти Москва наводно ја подигнала подготовката за можен притисок врз балтичките држави на „следно ниво“.
Според тие тврдења, целта не би била директна војна со НАТО, туку создавање голема криза и внатрешни поделби во Алијансата.
Каспаров подолго време предупредува дека Кремљ може да се обиде со ограничени провокации против членки на НАТО доколку руската офанзива во Украина остане блокирана.

