Премиерот Христијан Мицкоски се сретна со генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, при што, според Владата, разговарале за унапредување на соработката во борбата против организираниот криминал, сајбер-криминалот, трговијата со луѓе и прекуграничниот криминал.
На средбата присуствувале и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Мицкоски соопшти дека Северна Македонија останува посветен партнер во меѓународните безбедносни напори и дека само преку координација, размена на информации и заедничко дејствување може поефикасно да се заштитат граѓаните и владеењето на правото.
Опозициската СДСМ реагираше дека најавите за борба против организираниот криминал мора да бидат проследени со конкретни истраги, а не само со декларативни изјави.
Партијата го повика Мицкоски да побара истрага за случајот со, како што наведуваат, пет тони дрога што поминале преку македонската граница и царина, а дел завршил во Србија.
Од СДСМ прашуваат како е можно толкава количина наркотици да ја помине државната граница без знаење на надлежните институции и бараат да се утврди одговорност.
Партијата оцени дека соработката со Интерпол ќе има вистинска смисла само ако институциите целосно ги расчистат случаите поврзани со организираниот криминал.

