15.4 C
Скопје
24 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Унгарија отвори истрага за заемот за Македонија: Под сомнеж речиси милијарда евра

Унгарската влада поднесе кривична пријава поврзана со заемот од речиси една милијарда евра што државната Ексимбанка ѝ го одобри на Северна Македонија за време на владата на Виктор Орбан, како дел од поширока истрага за четири спорни финансиски трансакции со вкупна вредност од околу 1.000 милијарди форинти, јавија унгарски медиуми.

Премиерот Петер Маѓар изјави дека Владата нема однапред да пресудува дали се сторени кривични дела, но ќе обезбеди целосна поддршка за истражните органи да утврдат дали биле злоупотребени средствата на унгарските даночни обврзници.

Македонскиот заем е четвртиот случај што го отвори Министерството за економија и енергетика, покрај истрагите за кредитот за хотелот „Софител“, финансирањето на африкански инфраструктурен проект на компанијата „Дуна Асфалт“ и пропаднатиот договор за извоз на железнички вагони во Египет.

Според Маѓар, заемот за Северна Македонија бил одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти, значително пониска од условите што во исто време ги добивале унгарските компании, граѓаните и самата држава при задолжување.

Тој изјави дека само субвенционирањето на каматата, обезбедено со стопроцентна државна гаранција, создава товар од повеќе од 90 милијарди форинти за унгарскиот буџет.

Дополнително, Маѓар оцени дека е спорно што Ексимбанка одобрила кредит за земја која самата ја класифицирала како високоризична, иако институцијата е основана првенствено за поддршка на унгарскиот извоз и домашните компании.

„Не можеме да исклучиме дека средствата наменети за поддршка на унгарските бизниси биле искористени за зајакнување на политичките сојузници на претходната влада во странство или за ставање одредени пријателски компании во поповолна позиција“, рече Маѓар.

Тој истакна дека истрагата треба да утврди дали се прекршени правилата за управување со државните средства и каде завршиле парите.

Прашањето за македонскиот заем се отвора во момент кога новата влада во Будимпешта започна поширока кампања за ревизија на работењето на државните компании. Маѓар најави намалување на платите на раководствата, ограничување на надоместоците во управните и надзорните одбори, кратење на бројот на членови во тие тела и забрана министри и државни секретари да примаат дополнителни хонорари за членување во нив.

Во Северна Македонија, средствата од унгарската кредитна линија се користат за финансирање на повеќе од 1.100 инфраструктурни проекти низ општините. Владата претходно соопшти дека распределбата на средствата е целосно транспарентна и достапна преку јавниот портал Proekti.gov.mk.

Во анализа објавена од Македонската банкарска асоцијација се оценува дека кредитната линија носи значајни придобивки за домашните компании преку поволни услови за финансирање, но предупредува и на ризици за јавниот долг и државниот буџет, бидејќи евентуалните ненаплатени кредити би ги сносела државата, а не банките.

Related posts

Ковачевски – Брнабиќ: Засилена соработка за иницијативата Отворен Балкан, деблокирање на евроинтеграциите

ninja

Собранието избра двајца нови министри, Муртезани преминува во кабинетот на премиерот

admin

Николоски: Автопатот Тетово-Гостивар ќе биде завршен за две и пол години

admin

Личните документи со кодот МКД не се погрешни, НМК кратенката е за возилата

admin

Судски совет наспроти холандскиот амбасадор-работиме законски

admin

Русија штотуку и дала на Украина услови за завршување на војната?

admin