Хакери украле биткоини во вредност од повеќе од 100 милиони долари од илјадници криптопаричници, искористувајќи софтверски пропуст во хардверските паричници Coldcard, објави „Форбс“, повикувајќи се на истражување на Galaxy Research.
Според истражувањето, досега се идентификувани 1.596 украдени биткоини, во вредност од околу 102 милиони долари, од повеќе од 7.300 криптопаричници. Кражбите биле извршени во три поголеми бранови и најмалку 14 помали инциденти.
Истражувачите предупредуваат дека нападите сè уште траат и дека конечната штета може да биде значително поголема.
Galaxy Research проценува дека вкупниот број украдени биткоини, доколку се вклучат и сомнителните трансакции, може да достигне околу 2.000, што би било приближно 130 милиони долари според сегашната вредност на криптовалутата.
Проблемот бил во генерирањето на безбедносните фрази
Coldcard е хардверски криптопаричник кој генерира таканаречена „seed“ фраза – комбинација од зборови која служи како главен клуч за пристап до биткоините.
Безбедноста на ваквите паричници зависи од тоа комбинацијата да биде генерирана со доволно висок степен на случајност.
Но софтверскиот пропуст во одредени верзии на firmware-от на Coldcard создавал фрази со помала случајност од предвиденото. Тоа им овозможило на напаѓачите систематски да ги погодуваат комбинациите и да добијат пристап до средствата.
Проблемот, според истражувањето, постоел во верзии на софтверот уште од март 2021 година.
Производителот Coinkite минатиот месец потврдил дека одредени верзии биле погодени и објавил софтверска надградба.
Компанијата, сепак, предупредила дека обично ажурирање на firmware-от не е доволно доколку seed-фразата веќе била генерирана со ранливата верзија. Корисниците треба да создадат целосно нов паричник и да ги префрлат средствата.
Погодени и адреси поврзани со американски институции
Според Galaxy Research, околу 600 од компромитираните адреси биле поврзани со американски федерални истражители, компании за усогласеност со регулативата и експерти за сајберистраги.
Истражувачите сè уште составуваат целосна листа на погодените адреси, што значи дека бројот на жртвите и вредноста на украдените средства може дополнително да растат.
Инцидентот повторно ја истакнува слабоста на криптовалутите кога е компромитиран основниот безбедносен механизам. За разлика од банкарска трансакција, украдените биткоини најчесто не можат едноставно да бидат поништени или вратени откако ќе бидат префрлени на друга адреса.
Биткоинот под дополнителен притисок
Инцидентот доаѓа во период на нестабилност на пазарот на криптовалути.
Биткоинот минатата недела падна на околу 62.700 долари, најниско ниво во последните три недели, пред повторно да се искачи над 64.000 долари.
Падот беше поттикнат и од најавата на Strategy, најголемиот корпоративен сопственик на биткоин, дека планира продажба на криптовалути во вредност до пет милијарди долари за зајакнување на готовинските резерви и потенцијално финансирање откуп на сопствени акции.

