Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика земјите зависни од нафта од Блискиот Исток да купуваат американска нафта и да преземат водечка улога во заштитата на Ормутскиот теснец, во време кога конфликтот со Иран ја зголемува неизвесноста на глобалните пазари.
Во обраќањето до нацијата, Трамп рече дека САД не зависат од испораките преку теснецот и дека другите земји што ја користат оваа клучна рута треба „да го преземат и да го заштитат“.
„Ние не ни треба нафта од таму… тие што зависат од неа треба да го преземат теснецот“, рече тој.
Трамп додаде дека САД се водечки светски производител на нафта и гас, дури и повеќе од Саудиска Арабија и Русија заедно, нагласувајќи дека Вашингтон има доволно енергенси за извоз.
Тој исто така им предложи на земјите што се соочуваат со недостиг на гориво да „купуваат од САД“ и да покажат, како што рече, „малку храброст“ во заштитата на енергетските рути.
Изјавите доаѓаат во момент кога Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, е под сериозна закана поради конфликтот, што предизвика нагло зголемување на цените на нафтата и пад на глобалните берзи.
Трамп не даде конкретен рок за повторно отворање на теснецот, но сигнализираше дека конфликтот може да продолжи, што дополнително ги зголеми стравувањата кај инвеститорите за долготрајни нарушувања во снабдувањето со енергија.
Аналитичарите оценуваат дека ваквите пораки ја намалуваат веројатноста за брзо смирување на кризата и укажуваат на продолжен период на нестабилност на енергетските пазари.

