Политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети оценува дека трансформацијата на коалицијата ВЛЕН во една политичка партија може да придонесе кон поголема политичка стабилност во албанскиот политички блок, но предупредува дека успехот на процесот ќе зависи од политичката зрелост и способноста за внатрешна кохезија.
Во интервју за Инбокс7, тој вели дека новиот модел со двајца копретседатели носи и можности и ризици, особено во однос на создавање паралелни центри на моќ.
Според него, ВЛЕН ќе се соочи со сериозни предизвици во обидот да ја консолидира новата партиска структура, додека прашањата за албанскиот јазик, балансерот и евроинтеграциите ќе бидат клучни за довербата на албанските гласачи.
Инбокс7: Господине Мехмети, дали трансформацијата на ВЛЕН од коалиција во една партија може да донесе поголема политичка стабилност кај албанскиот политички блок?
Инбокс7: Во принцип, окрупнувањето на политичката сцена нуди можност за по фокусирана политичка дебата и следствено на тоа и за поголема политичка стабилност и останува да се надеваме дека ова и ќе се оствари. Но, како што е познато, тоа зависи од политичката култура и политичката зрелост на политичките актери која, за жал, во нашиот случај е далеку од посакуваното ниво. Сепак, сакам да верувам дека новиот партиски мозаик ќе донесе позитивни политички ветришта кои ќе го “исчистат„ политичкиот амбиент и дека со тоа ќе имаме и поголема политичка стабилност.
Инбокс7: Колку различните идеолошки позиции на партиите што се спојуваат можат да претставуваат ризик за внатрешната кохезија на ВЛЕН?
Инбокс7: Ако го земеме предвид сето тоа што му претходеше на спојувањето на ВЛЕН во една политичка партија, секако можеме да кажеме дека внатрешната кохезија на ВЛЕН ќе биде еден од главните предизвици за оваа партија во наредниот период. Што се однесува до идеолошките разлики, можеме да кажеме дека во Република Северна Македонија е речиси невозможно јасно да се определат идеолошките позиции на било која партија, вклучително и на албанските партии, но сепак, одредени разлики во идеолошките определби на овие партии постојат и тие секако ќе дојдат до израз со тек на времето. Овие разлики ќе станат видливи кога ќе дојде време да се градат ставови за конкретни политики во внатрешната, но и надворешната политика, кога ќе се подготвуваат изборни програми, кога ќе се бираат кандидати за различни функции и сл. Исто така, сериозен предизвик за внатрешната кохезија во ВЛЕН може да бидат амбициите на различните групи на влијание околу политичките партии кои го формираа ВЛЕН, а кои можат да се почувствуваат незадоволни од поделбата на политичката моќ помеѓу поранешните членки на коалицијата ВЛЕН. Во која мерка овие предизвици ќе бидат менаџирани, во голема мерка ќе зависи од двајцата копретседатели и на начинот на кој тие ќе се постават кон овие можни предизвици.
Инбокс7: Според Вас, моделот со двајца претседатели ќе функционира ли на долг рок или може да создаде паралелни центри на моќ?
Инбокс7: Моделот со двајца претседатели е нов во нашата политичка пракса и ќе биде интересно да се види како тој ќе се развива. Ако тргнеме од политичката култура во нашата земја, секако дека овој модел ќе се соочи со големи предизвици. Меѓу тие предизвици секако е и ризикот од формирање на паралелни центри на моќ, што може да го загрози функционирањето на оваа партија. Дали ова ќе се избегне, во голема мерка ќе зависи од воспоставувањето на висок степен на внатрешна демократија, транспарентно донесување на одлуки, висок степен на хоризонтална комуникација, инклузивен процес на изготвување на политики, инклузивен процес на донесување на одлуки, и сл.
Инбокс7: Дали со формирањето на една партија ВЛЕН ќе успее да привлече дел од гласачкото тело на Али Ахмети и ДУИ?
Инбокс7: Партиите на власт секогаш имаат можност да привлечат нови гласачи, но во овој случај мислам дека за ВЛЕН ќе биде многу тешко да привлече гласачи од ДУИ или другите опозициони партии, бидејќи ВЛЕН ќе мора да биде фокусирана на сопствената консолидација. Исто така, успехот на ВЛЕН за евентуално привлекување на нови гласачи ќе зависи и од тоа колку ќе успее да се наметне како релевантен фактор во владината коалиција каде носителот на оваа владина коалиција, ВМРО-ДПМНЕ има видливо доминантна позиција. Од друга страна, во постизборниот период, видливи се реформските чекори во ДУИ, која направи доста измени во раководството и вклучува нови лица, меѓу кои и млади со што постои реална претпоставка дека го зајакнала и своето гласачко тело.
Инбокс7: Колку прашањата поврзани со употребата на албанскиот јазик и балансерот ќе влијаат врз довербата на албанските гласачи кон ВЛЕН?
Инбокс7: Односот кон прашањата поврзани со официјалната употреба на Албанскиот јазик и кон рамноправната застапеност на Албанците во институциите на системот, ќе бидат клучни за односот на албанските гласачи кон ВЛЕН. Во предизборната кампања на последните парламентари избори пред две години, коалицијата ВЛЕН ја бараше довербата на гласачите Албанци со ветување дека ќе ги унапреди овие прашања, но гледаме дека Владата, чиј коалиционен партнер е и ВЛЕН, има рестриктивен однос кон овие две прашања. Исто така не треба да се заборави дека ВЛЕН ветуваше и засилена динамика во Евроинтеграцискиот процес, но гледаме дека ова многу важно прашање за сите граѓани на Република Северна Македонија, речиси не се споменува. Сето ова ги намалува можностите на ВЛЕН за евентуално проширување на гласачкото тело.
Инбокс7: Очекувате ли во наредниот период нови политички трансфери и поделби во рамките на албанскиот политички кампус?
Ибрахим Мехмети: Политичките трансфери станаа вообичаена практика во нашиот политички амбиент што, според мене, предизвикува големи разочарувања кај граѓаните, но и големи штети по развојот на демократијата во целина. Како и да е, можност за интензивирање на политичките трансфери е реална, а со тоа и на политичките поделби кои и онака се многу големи и претставуваат пречка за постигнување на било каков политички договор.

